Два дена пред самитот на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) за ситуацијата во Нигер, војниците на власт во Ниамеј објавија дека не може да примат делегација од организацијата од безбедносни причини
Воениот режим во Нигер, кој дојде на власт со државен удар, ја отфрли понудата на Западна Африка и Соединетите Американски Држави за разговори за да се избегне воена интервенција за враќање на уставниот поредок, што сè уште е можно.
Два дена пред самитот на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) за ситуацијата во Нигер, војниците на власт во Ниамеј објавија дека не може да примат делегација од организацијата од безбедносни причини.
„Сегашните околности, во кои преовладуваат гневот и бунтот на населението поради санкциите на ЕКОВАС, не ни дозволуваат да ја пречекаме споменатата делегација во мир и безбедност“,
се истакнува во писмото на Министерството за надворешни работи на Нигер испратено до ЕКОВАС во понеделникот.
Во писмото не се споменуваат Африканската унија (АУ) и ОН, чии претставници требаше да ги придружуваат претставниците на ЕКОВАС во Ниамеј, велат дипломатски извори.
Истото министерство во друго писмо објави дека „постојаните дипломатски дозволи“ доделени во 2023 година „за авиони на пријателските и партнерските земји на Нигер“ се „привремено укинати“, без да прецизира за кој тип на авион и земја се однесува.
ЕКОВАС се закани дека ќе интервенира воено во Нигер за да го врати претседателот Мохамед Базум, кој беше соборен со пуч на 26 јули.
Таа закана во форма на седумдневен ултиматум што им го дадоа лидерите на ЕКОВАС на војниците на Нигер не се реализираше откако истече во неделата вечерта, бидејќи организацијата рече дека му дава приоритет на дијалогот.
Одложувањето на посетата на западноафриканската делегација следува по уште еден знак за недоверба на новите лидери на Нигер, назначувањето на цивилниот премиер Али Махаман Ламин Зеин во понеделникот вечерта, што може да биде првиот чекор кон назначување на преодна влада.
„Јасно е дека дипломатијата е најдобриот начин да се реши оваа ситуација“,
изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Франција, поранешна колонијална сила која редовно се оцрнува на протестите во Западна Африка – користени од Русија – во вторникот преку дипломатски извор изјави дека ги поддржува „напорите на земјите во регионот за повторно воспоставување на демократијата во Нигер“.
Фото: EPA-EFE/ISSIFOU DJIBO