Општина Центар ги казни угостителските објекти „Мош“ и „Интермецо“ откако, по пријава од граѓани, било измерено дека пуштаат погласна музика од дозволеното. Општината апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти да се придржуваат до постоечките правилници и до Законот за заштита од бучава во животната средина
Општина Центар информира дека, по пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти на територија на Општината, Секторот за инспекциски работи минатата недела организирал акција за мерење бучава со овластена лабораторија за животна средина.
„Акциите се спроведоа на целата територија на Општината, при што беа поминати клучните точки, односно локалите за кои редовно има пријави од граѓани, конкретно во населените места Дебар Маало, Буњаковец, Центар и Капиштец“,
велат од Општина Центар.
Мерење на бучавата било извршено во два угостителски објекти – „Мош“ и „Интермецо“, врз основа на кое е изготвен платен налог со глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина.
„Правните лица можат да платат половина од казната во рок од осум дена. Доколку не ги платат казните во висина од 13 000 евра, овластениот инспектор ќе достави барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд“,
соопшти Општината.
Оттаму велат дека постојано добиваат поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време, па во неколку наврати досега напишале казни за бучава.
„Општина Центар повторно апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општината да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина“,
апелираат од Општина Центар.