Жителите на Слупчане и претставници на ЕВН денеска одржаа состанок, кој како што пренесе МИА, поминал во мирна и позитивна атмосфера. Двете страни се договориле да одржат уште една средба во текот на утрешниот ден.
„Состанокот помина во позитивна атмосфера, договорот треба да се уреди технички“,
изјави за МИА, Зекирија Шаини, советник во Општина Липково.
Состанокот следи по неколкудневните блокади на жителите на Слупчане кои изминатиот период не им дозволуваа на екипите на ЕВН да влезат во селото, револтирани поради високите сметки за струја.
Дел од мештаните тогаш го искинаа главниот кабел и предизвикаа сериозен дефект кој ги остави без струја не само Слупчане, туку и трите соседни села.
Од ЕВН реагираа дека кражбите на струја во селото се 80% ,а наплатата се реализира само 20%. За санирање на дефектот од компанијата бараа гаранции дека ќе имаат нормални услови за работа.
Блокадите на селото се случуваа и на почетокот на јули , а жителите преку месната заедница доставија неколку барања до ЕВН , каде наведуваат дека не прифаќаат мерните уреди да се поставуваат надвор од куќите. Исто така, бараа да им се простат старите долгови и наместо редовна сметка, врз основа на податоците од струјомерите, да плаќаат месечен паушал од 3 000 денари, без оглед колку струја потрошиле.
Договор беше постигнат на 27 јули, откако се вклучија локалните власти и Владата.