„Омилената агенција на Артан Груби е наградена со нови 100 000 евра од буџетот. Лани во агенцијата завршиле над три милион, па прашуваме: Колку автомобили за соседите на Артан Груби може да се купат со тие пари. Ова е доказ дека оставките се фолирање, кои не можат да го покријат криминалот“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски
Коментарот на Стоилковски е одговор на новинарско прашање по веста што ја објави „360 степени“ дека тетовската фирма го добила тендерот распишан од Министерството за политички систем со кое раководи Груби за организирање на годишнината од Рамковниот договор
Министрите на ДУИ поднесуваат оставки за фолирање, но од „криминалот не се откажуваат“. Ова е дел од реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по веста што ја објави „360 степени“ дека фирмата „Арбериа дизајн“ ја добила јавната набавка за организирање на годишнината од Рамковниот договор спроведен од Министерството за политички систем предводено од Артан Груби.

Реакцијата на најголемата опозициска партија во земјава ја соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, одговарајќи на прашања од медиумите на денешната прес-конференција.
„Омилената агенција на Артан Груби е наградена со нови 100 000 евра од буџетот. Лани во агенцијата завршиле над три милион, па прашуваме: Колку автомобили за соседите на Артан Груби може да се купат со тие пари. Ова е доказ дека оставките се фолирање, кои не можат да го покријат криминалот“,
рече Стоилковски, иронично алудирајќи во одговорот на запаленото луксузно „ауди а6“, што го користел првиот вицепремиер, но не било негово.
Инаку, како што објави денеска „360 степени“ тетовската фирма повторно ја доби јавната набавка за организација на годишнината од Рамковниот договор спроведена од Министерството за политички систем предводено од Артан Груби. Станува збор за два договори (дела) од еден ист оглас. Едниот договор предвидува дека „Арбериа дизајн“ може да испорача услуги најмногу до 4 200 000 денари или 70 000 евра, а вториот – услуги до 1 800 000 денари или приближно 30 000 евра.
Првиот договор се однесува главно на обезбедување хотелски, кетеринг и услуги поврзани со опрема за организирање настани. Вториот договор, пак, иако на помала сума, содржи поинтересни ставки, а генерално покрива логистичка и креативна поддршка.
Според понудата која е составен дел од вториот договор, „Арбериа дизајн“ ќе наплати од министерството на Груби околу 5 000 евра за концепт за организирање настан за 22-годишнината од Рамковниот договор. Слична сума е предвидена и за, како што е наведено во понудата, „стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудиозапис на песна“ по повод годишнината. За продукција на спот за песната се предвидени околу 4 000 евра. Една од повисоките поединечни ставки е продукција на аудио-визуелен спот за постигнувањата на Охридскиот договор, за што се одвоени околу 6 000 евра.
Предвидено е и печатење промотивен и материјал за обука на млади лидери, мултиетнички фестивал и други настани за периодот август–септември.
Критериум за избор била најниската цена, но „Арбериа дизајн“ немала конкуренција зашто била единствената што се пријавила на повикот.