За отповикување на амбасадорот, Комисијата констатирала причини кои не се совпаѓаат со нападите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од МНР

Министерството за надворешни работи (МНР) остро реагира на наводите на ВМРО-ДПМНЕ од каде денеска на прес-конференција посочија дека досегашниот наш амбасадор во Јапонија е отповикан по пријави за сексуално вознемирување на повеќе жени.
„Комисијата во рамките на Министерството, како причини за повлекувањето на амбасадорот констатираше причини кои не се совпаѓаат со нападите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници. Со пласирањето шпекулации и непроверени наводи кои не се потврдени, се нанесува лична штета кон човекот, кон неговото семејство и неговите блиски; со ова однесување ВМРО-ДПМНЕ не само што го изгуби човечкиот компас туку и директно ѝ нанесува штета на дипломатијата и на односите со пријателска земја како што е Јапонија“,
велат од МНР.
Од ресорното министерство викендот информираа дека е отповикан македонскиот амбасадор во Јапонија, Горан Цеков, поради „незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата“.
Оттаму велат дека повлекувањето било спроведено во редовна постапка, согласно законските прописи и внатрешните уредби во Министерството за надворешни работи и со почитување на сите процедури.
Владата го прифатила предлогот на министерот по што, претседателот на државата го потпишал указот за отповикување.
За ВМРО-ДПМНЕ, отповикувањето на амбасадорот е мегаскандал за македонската дипломатија.
„Го повикуваме Бујар Османи да ги изнесе јавно сите детали од извештајот за дисциплинската комисија каде се наведени сите детали за овој голем срам на Македонија пред јапонските власти и пред сè, огромен срам за македонската дипломатија!“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.