Донацијата, како што информираат од Владата, е во рамките на Акцискиот план за поддршка на Македонците во Голо Брдо и Пустец. Со неа, се наведува, се реализира уште едно барање од заедничкиот договор на Македонците од овие краеви со Владата
Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал средба со Македонци од месносната Голо Брдо во Албанија. За време на средбата, како што соопштија од Владата, Ковачевски за потребите на жителите Македонци донирал градежна машина и светилки за улично осветлување.

Донацијата, како што информираат од Владата, е во рамките на Акцискиот план за поддршка на Македонците во Голо Брдо и Пустец. Со неа, се наведува, се реализира уште едно барање од заедничкиот договор на Македонците од овие краеви со Владата.
Инаку, премиерот Ковачевски и неговиот албански колега Еди Рама денеска на граничниот премин „Ќафасан“ ја пуштија во употреба „One stop shop“. Концептот треба да овозможи полесен проток на стоки од компаниите од двете држави, како и побрз премин за граѓаните од Албанија и Северна Македонија. Со заедничко управување на граничните и царински контроли, со едно застанување на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане, според премиерот Димитар Ковачевски, ќе се олесни работата на 11 илјади компании ориентирани кон извоз и трговија.
„Денес имав убав повод за средба со нашите Македонци и во рамките на ова средба практично направивме донација од машина којашто ќе ја користат во текот на зимските месеци за чистење на снегот и улично осветлување. Вкупната донација е од еден милион денари и таа веднаш ќе биде предадена и ќе биде користена во Голо Брдо, како и во другите општини коишто се населени со Македонци. Сакам уште еднаш да им посакам добредојде на нашите сограѓани на нашите Македонци кои живеат во Албанија и како што и тие сами кажуваат, овде се чувствуваат како дома бидејќи и Албанија и Северна Македонија се држави коишто во моментов имаат односи коошто се на исклучително високо и пријателско ниво. Добре дојдовте уште еднаш и нека е со среќа“,
рече Ковачевски во своето обраќање по повод средбата со Македонците од Голо Брод и предавањето на донацијата, се наведува во владиното соопштение.

Премиерот најави, како што рече, уште еден важен проект за Македонците од Голо Брдо и Пустец , односно граничниот премин Требениште – Џепчиште, кој е децениско барање и децениски проблем за нашинците во овие делови на Албанија.
За проблемот, како што рече Ковачевски, денеска разговарале со премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Има еден инфраструктурен дел кој треба да се направи на албанска страна, има делови коишто треба да се договорат помеѓу Министерствата за внатрешни работи, меѓутоа и денес заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, разговаравме и ресорните министри од двете држави веќе се запознаени за начинот на кој треба да го санираме и да го решиме овој долгогодишен проблем кој што Македонците од Голо Брдо го имаат, а пред се сè однесува на непречена 24-часовна комуникација на граничните премини меѓу двете држави“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека Владата работи и на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високообразовните институции во нашата држава, како и на други прашања од интерес на Македонците кои живеат во Албанија. Овде, меѓу другите, премиерот ги наброја и прашањата во делот на пописот и во организацијата во локалната самоуправа.
Инаку, пред една недела во посета на Пустец беше шефот на државата Стево Пендаровски. За време на еднодневната работна посета на Албанија, македонскиот претседател го посети заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“ во Општина Пустец каде што однесе книги од нашите класици на македонски јазик.
Во кусата заедничка изјава на Пендаровски и неговиот албански колега Бајрам Бегај, македонскиот претседател нагласи дека ова е само почеток во низата заеднички средби како во Албанија, така и во Македонија. Претседателот рече дека со овие средби ќе покажат дека малцинствата што живеат во други држави ги имаат истите услови како да живеат во своите матични држави.