Бомгартнер испраќа и јасна порака дека ако земјава не пристапи кон уставните измени, нема да може да пристапи кон следната фаза за членство на земјава во ЕУ и нагласува дека треба да се има на ум оти се наоѓаме во момент на заврзана политика на проширување и тоа не треба да се пропушти

Нема замена за постигнатото решение и Преговарачката рамка за Северна Македонија, но и не постои простор да се наметнуваат нови услови.
Вакви пораки испраќа францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 зборувајќи за евроинтеграцискиот процес на земјава.
„Голем број европски политички одговорни лица го посетија Скопје во последните месеци, за да потсетат и да истакнат дека решението што беше преговарано и усвоено и денес го поддржуваат сите европејци и сите европски институции, и сите држави членки на ЕУ, е најдоброто можно решение и нема замена за него. И тука не станува збор да се промени формулацијата за којашто е постигнат европски консензус, туку е тоа начин и дека воопшто не постои простор за наметнување нови услови“,
вели амбасадорот.
Во интервјуто тој испраќа и јасна порака дека ако земјава не пристапи кон уставните измени, нема да може да пристапи кон следната фаза за членство на земјава во ЕУ.
„Тоа значи дека во тој момент ризикуваме да се соочиме со блокада и треба да се има на ум дека се наоѓаме во момент на забрзана политика на проширување и освен Северна Македонија има други заинтересирани земји кандидатки. Тоа е причината поради која имате толку голем број министри и претставници на властите, кои патуваат, особено доаѓаат во посета овде минатата и оваа година, за да ја упатат истата порака. Постои европски моментум и тој не треба да се пропушти“,
вели Бомгартнер.
Стравувањата дека францускиот пакет води кон загрозување на јазикот, идентитетот, македонскиот јазик, идентитет, пак, порачува тој, воопшто не се основани.