Основното јавно обвинителство Струга бара притвор за 30-годишно лице кое нападнало полициски службеници во полициска станица. Осомничениот, како што се наведува, на 26 јули влегол во просториите на ОВР Струга и на полициските службеници започнал да им вика и да ги навредува поради одземено возило.
„Кога тие побарале од него да го напушти објектот и да се легитимира, тој со лакт удрил еден од полицајците во стомакот и се обидел да побегне. Додека да го совладаат, осомничениот уште неколкупати го удрил полицаецот нанесувајќи му повреди на раката, вратот и градите. Имајќи предвид дека делото е извршено со особена дрскост, односно станува збор за напад врз полициски службеници во полициската станица, јавниот обвинител оцени дека постои можност осомничениот да го повтори делото. Исто така, постојат околности кои укажуваат дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон“,
се наведува во соопштение од Обвинителството.
Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга доставил предлог за определување мерка притвор. Осомничениот се гони за кривично дело напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.