Економскиот форум што се одржа во Виена донесе и политички пораки – шефот на ресорот проширување во Европската комисија, инаку Австриец, е уверен дека Северна Македонија ќе добие одлука за преговори пред летото и дека ќе ги отвори првите поглавја до крајот на годинава. За последниот развој на настаните Хан разговараше со македонскиот премиер, средба од која Заев излезе оптимист дека ЕУ ќе го вреднува постигнатото. Свесен е дека има поширока регионална игра и калкулација кај дел од влијателните земји-членки со дијалогот Белград-Приштина и евентуалното влијание што одвојувањето на Македонија од Албанија би го имало врз тој процес. Премиерот го прашавме и за неговите досега нереализирани најави за реконструкција на владата и смени на други позиции во извршната власт и во СДСМ.
– Заради нас, нашите перформанси, Договорот од Преспа, плус реформите, ние имаме позитивен амбиент. За жал, констелациите не се добри и затоа е отворена оваа дебата. Мислам на Албанија, и прашањето со Косово и Србија. Верувам дека нема да се дозволи во ниеден момент, после 14 години кандидат и со позитивна препорака од 2009 година, повторно да бидеме одложени, затоа што ова не е во полза ниту на ЕУ, ниту на принципите на ЕУ. Договорено е, ако ние испорачаме и тие да испорачаат. Тоа важи за било која земја, па и за нас. Верувам дека тој период којшто го прави специфичен, а тоа се европските избори, завршуваат на 26 мај, извештајот се објавува на 29 мај, Бундестагот има период само од 3-ти до 6-ти јуни за дискусија и усвојување на извештајот, а втората сесија им е крајот на јуни. Целото ова го прави летото за одлука. Затоа и го употребувам јас летото, јуни, јули, да се донесе ваквата одлука. Јас сум оптимист, секако треба да им се остави простор на европските избори, заради тоа што менаџментот со целиот Западен Балкан и останатите проблеми како што е косовското прашање, Босна и Херцеговина, но и актуелните состојби во Албанија, ќе биде потребно од наша страна разбирање да го изменаџираат целиот процес во полза на сите, но секако, со потврда на она што ни е заслужено. Нема ниту претседател, ниту канцелар, ниту премиер, којшто нашите перформанси ги става како причина, тоа е се ок. Поради констелациите со сите други, ќе се знае точно кога ќе биде одлуката. Оваа година ние ќе добиеме позитивна одлука, односно одлука за отпочнување на преговорите, којашто јас верувам дека ќе биде јуни или јули – рече Заев.
Запрашан за тоа што би се случило доколку ниту во јуни, ниту во јули не добиеме позитивна одлука за датум за преговори, Заев рече дека очекувано е да започне политичка криза, бидејќи сите очекувања на граѓаните се за позитивна одлука и дека влезот во НАТО нема да е доволен. Заев запраша, како ЕУ би ги мотивирала претседателите Вучиќ и Тачи за да донесат некаква одлука, доколку не се награди потпишувањето и имплементирањето на Договорот од Преспа.
Заев во интервјуто зборуваше и за најавата за „метла“ и кажа дека ќе започне на почетокот на јуни.