Директорката на УЈП вели дека со предлогот се опфатени компании кои оствариле големи приходи подолг период, а не само во енергетската криза
Околу 200 компании би требало да бидат опфатени со данокот на солидарност, соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, а проценките се врз основа на евиденциските анализи направени од УЈП согласно даночните биланси што ги имаат доставено компаниите во Управата.

„Зборуваме за споредбени податоци, 2022, 2021 итн. Очекувањата се дека околу 76-77 милиони евра би се влеале во Буџетот преку овој еднократен данок на солидарност“,
рече Лукаревска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Во однос на тоа од кои дејностите ќе бидат компаниите опфатени со солидарниот данок и дали се тие поврзани само со енергетиката и оние кои оствариле големи приходи во време на енергетската криза, директорката на УЈП одговори дека се работи за подолг период.
„Независно, тука имаме споредбен период кој е малку подолг од енергетската криза во рамки на податоците“,
рече Лукаревска.
Предлог-законот за данок на солидарност, како и предлог измените на законите за ДДВ и данокот на добивка, се во собраниска процедура каде Комисијата за европски прашања вчера почна дебата за амандманите. До парламентот тие беа испратени со европско знаменце од страна на Владата.
Предлог-законот за данокот на солидарност, предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврска да го платат овој вид на данок ќе имаат оние кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 000 000 денари.