Мостот „Керч“, кој го поврзува полуостровот Крим со Русија, носи војна, а не мир и затоа е воена цел, порача претседателот на Украина, Володимир Зеленски. На форум за безбедност, кој се одржа во Аспен, кажа дека тоа е легитимна воена цел што треба да се неутрализира.
„Тоа е рута што се користи за хранење на војната со муниција и тоа се прави секој ден. Го милитаризира Крим. За нас тоа е разбирливо непријателски објект изграден надвор од меѓународните закони и сите важечки норми. Значи, разбирливо, тоа е цел за нас. И секоја цел што носи војна, а не мир, мора да биде неутрализирана“,
рече Зеленски.
Во експлозиите во понеделникот на мостот загинаа двајца цивили, при што беше онеспособен дел од коловозот кој неодамна се врати во целосна функција откако беше тешко оштетен во сличен напад во октомври.
Украина го поздрави нападот од понеделникот, но властите директно не ја презедоа одговорноста.