„Путин е некој кој мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно. Според моето искуство, Путин е врвниот апостол на одмаздата, па би бил изненаден доколку Пригожин избегне понатамошна одмазда“, коментира шефот на ЦИА, Вилијам Барнс
Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, смета дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно размислува како да се справи со шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, по бунтот на платеничката група во Русија пред еден месец.

Таквиот бунт, според шефот на ЦИА, открил значителни слабости во системот на моќ на Путин, а следствено на тоа, додава Барнс, рускиот лидер може да му се одмазди на Пригожин.
„Путин е некој кој мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно. Според моето искуство, Путин е врвниот апостол на одмаздата, па би бил изненаден доколку Пригожин избегне понатамошна одмазда“,
рече Барнс на форумот за безбедност во Аспен, пренесе Би-би-си.
Пред еден месец групата „Вагнер“, под водство на Евгениј Пригожин, револтирана од однесувањето на високи руски офицери и од министерот за одбрана, зазеде контрола врз неколку градови во Русија.
Пучот на Пригожин траеше кратко откако со посредништво со белорускиот претседател Лукашенко беше постигнато решение – тенковите и војниците на „Вагнер“ да запрат на 200 километри од главниот град Москва.