Ако возите кон Желино, кога ќе се исклучите од автопат, на влезот на Општината ќе ве пречека табла со натпис на англиски јазик: „Ништо не трае вечно, па ни коронавирусот“.
Таблата е поставена во петокот, на 10 април, и е идеја на кризниот штаб на Општината.
„Поставувањето на таблата е со цел да го поттикнеме позитивниот дух кај луѓето. Да не се шират само негативни информации и пораки. Колку повеќе седиме дома и се изолираме, толку побргу ќе го победиме вирусот и затоа треба да бидеме позитивни зашто ова нема да трае вечно, ќе помине“,
велат од Општината за „360 степени“.
Ова засега е единствената табла во Желино, но најавуваат дека во иднина ќе постават уште неколку, но со други пораки.
Инаку, од Желино, според информациите од општинскиот кризен штаб, досега е откриено само едно заразено лице, кое е хоспитализирано во Скопје.


