Откако денеска во Владата беше потпишан новиот Општ колективен договор за јавниот сектор, премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук напиша дека тоа е победа за работниците и е резултат на успешни преговори
Oваа Влада успеа во она што беше недостижно досега, успеа да сврти нова страница на историјата и за првпат по 15 години на иста маса со синдикатите и со сите засегнати, заеднички најде одржливо решение за платите во јавниот сектор, напиша премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.

Фото: Влада на РС Македонија
„Новиот Општ колективен договор за јавниот сектор, кој денеска беше потпишан во Владата, е победа за работниците и е резултат на успешните преговори и нашиот отворен дијалог со синдикатите. Од март 2025 година ќе се спроведува нова методологија на плата. Во новиот Општ колективен договор предвидовме исплата на минимум К-15 во износ од 30 отсто од просечната нето-плата. Заеднички со синдикатите дојдовме до системско решение за раст на платите и пензиите, кое нема да зависи од волјата на ниедна политичка партија и сега и во иднина!“,
објави премиерот.
Со потпишувањето на Општиот колективен договор за покачување на платите во јавниот сектор, првото покачување ќе биде со септемвриската плата, и тоа за 10 отсто. Се предвидува и до крајот на декември годинава вработените да добијат К-15 во висина од 10 илјади денари. Со договорот се предвидува новата методологија за пресметка на плати да започне од март 2025 година.