Полицајци кои сакале да останат анонимни за Асошиејтед прес изјавиле дека веруваат оти станува збор за нарачано убиство
Грчката полицијата трага по две лица кои вчера го ликвидираа неформалниот водач на криминалната група Дуќанџик, Орхан Бајрами-Оки во Сани Вилас, Ханиоти.
Полицајци кои сакале да останат анонимни, бидејќи не се овластени да зборуваат официјално за случајот, за Асошиејтед прес изјавиле дека веруваат оти станува збор за нарачано убиство.
Досега е познато дека две маскирани лица на мотор, вчера околу 3:30 часот утрото, се приближиле до вилата во Ханиоти, која Оки ја изнајмувал заедно со пријателите, и испукале најмалку 19 куршуми, при што Оки е убиен, а со повреди е хоспитализиран еден од неговите пријатели – 45-годишниот пријател Сеад Слезовиќ.
Жртвата Орхан Бајрами-Оки е претставен како сопственик на казино, вклучен и во бизниси со трговија на пијалаци. Домашните медиуми јавија дека тој е неформален водач на криминалната група Дуќанџик.
Вчера и Министерството за надворешни работи извести дека амбасадата во Атина стапила во контакт со надлежните грчки институции и со полицијата во Солун, од каде што потврдиле дека во Сани Вилас, Ханиоти, две маскирани лица пукале врз двајца државјани на Северна Македонија.
