Општина Струга неделава преку официјално соопштение побара во текот на туристичката сезона да се почитува јавниот ред што според нив значи неносење бикини и гаќички за плажа по шеталиштето во градот. На официјалната фејсбук-страница на Општината беа споделени и фотографии од веќе поставените знаци

Одлуката на Општина Струга да постави знаци за забрана за шетање по бикини и гаќи за капење по централното градско шеталиште, ги изненадила и дел од членовите на општинскиот Совет.
Ален Деребан, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Струга вели дека советниците воопшто не биле информирани за забраната и поставувањето на таблите.
„Не бевме запознаени, Советот не носи одлука за конкретен индивидуален знак. Немаме донесено одлука за поставување на тие знаци, ниту пак поставувањето на знаците е предвидено во програмата која е изгласана од Советот. Ние како советници тие знаци ги видовме во чаршијата непосредно откако беа поставени. Ние не сме конзервативен, туку туристички град, во кој луѓето остваруваат приходи и приоритетна дејност која ја вршат е туризмот“,
вели Деребан за ТВ 24.
Општина Струга неделава преку официјално соопштение побара во текот на туристичката сезона да се почитува јавниот ред што според нив значи неносење бикини и гаќички за плажа по шеталиштето во градот. На официјалната фејсбук-страница на Општината беа споделени и фотографии од веќе поставените знаци.
Инаку, градоначалник на Општина Струга е Рамиз Мерко – кадар на ДУИ, кој Стејт департментот го стави на „црната листа“ на САД поради значителна вмешаност во корупција, присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.
Против Мерко него се активни 16 предмети, додека 14 се апсолутно застарени. И покрај жестоките реакции во јавноста за неговата работта, тој продолжува со тековно извршување на градоначалничката функција.
