Новата цена на дизелот ќе изнесува 72,5 денари, а еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 и натаму ќе се продаваат за 80 денари, односно за 82 денари по литар

Од ноќеска на полноќ еуродизелот ќе има нова цена. Регулаторната комисија за енергетика одлучи еуродизел (Д-Е V) да се продава за два денари поскапо. Малопродажните цени, пак, на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, мазутот М-1 НС и мазутот М-1 НС не се менуваат.
Новата цена на дизелот ќе изнесува 72,5 денари, а еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 и натаму ќе се продаваат за 80 денари, односно за 82 денари по литар. Цената на екстра лесното масло е 70 денари, а на мазутот М-1 НС – 41,784 денари за килограм.
Со Одлуката на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57 отсто во однос на одлуката од 10-ти, месецов.
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објаснуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,854 проценти, кај дизелот зголемувањето е во просек за 4,754 проценти или за 34,350 долари за тон, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 4,019 проценти и кај мазутот зголемување во просек за околу 3,315 проценти. Поради што, велат од РКЕ, во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно приспособување. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, по кој се формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,588 проценти.