Оружјето и муницијата се пронајдени во штала за добиток, до куќата на 40-годишен жител на селото Старова кај Поградец, кој претходно бил осудуван за „производство и продажба на наркотици”

Лесен митралез, автоматско огнено оружје, две полуавтоматски пушки, значителна количина боева муниција, реденик за митралез со 30 куршуми, рачни гранати, подвижни делови од пушката, се оружјето и муницијата кои се запленети од полицијата во албанскиот град Поградец, а за кои постои сомневање дека требало да бидат транспортирани во Северна Македонија.
Оружјето и муницијата се пронајдени во штала за добиток, до куќата на 40-годишен жител на селото Старова кај Поградец, претходно осудуван за „производство и продажба на наркотици”.
„Врз основа на сознанија од полициското разузнавање и соработка со граѓаните, дека граѓанин поседува арсенал оружје во неговиот стан, полициските служби организираа акција и го лоцирале А. Ј., во село Старово. При претрес во просторот на шталата за добиток, која се наоѓала во близина на неговиот стан, пронајдени се сокриени оружјето и воената муниција. Како резултат на оваа акција, А. Ј. е уапсен, а оружјето и муницијата се одземени како материјален доказ“,
се вели во полициското соопштение објавено на нивната фејсбук-страница.
Во полицискиот извештај се додава дека, од спроведената истрага, постојат основи на сомнение дека оружјето и муницијата уапсеното лице ќе ги транспортирало во правец на Северна Македонија, каде што вршел трговија.
Од полицијата велат дека продолжува работата за целосно документирање на овој случај, а тој е веќе предаден на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност Корча.