Министерот од редовите на интегративците во однос на тоа дали на исходот од изборите влијание може да имаат внатрепартиските несогласување, вели дека такви примери во ДУИ има уште од формирањето во 2002 година и е убеден дека на следните избори ќе расте поддршката за партијата

На наредните избори ДУИ ќе биде лидер во албанскиот политички блок, а согласно последните анализи може да биде и втора партија на ниво на држава, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски министерот за економија Крешник Бектеши кој е член на Централното претседателство на ДУИ.
Прашан дали може да има влијание внатрепартиското несогласување, тој вели:
„Ние имаме такви примери уште од нашето формирање во 2002 година. Тоа се случува во сите политички партии. Најважно се мисијата, програмата, идејата, визијата на ДУИ да биде преточена во владини програми и проекти за доброто на граѓаните, затоа и расте поддршката кон ДУИ и тоа ќе биде така сигурно и на наредните парламентарни избори“.
Следните парламентарни избори, доколку бидат во редовен термин, треба да се одржат за околу една година ако се има дека предвид четиригодишниот мандат актуелниот парламентарен состав го доби на избори што се одржаа на 15 јули 2020 година.
Деновиве со високи цели за следните избори излезе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека неговата партија ќе има убедлива победа и оти се под 61 освоен пратеник ќе го смета за пораз.
„Обединети, сите заедно еден до еден, да дојдеме до 61 пратеник. Сè друго ќе биде историски пораз и ова сфатете го како трет Илинден и трето ново ослободување на Македонија“,
рече Мицкоски пред четири дена.