На некои места поради последиците од невремето затворени се локални и магистрални патишта, а илјадници домаќинства се без електрична енергија

Невреме со силен ветер, дожд и град денеска ја зафатија Словенија. Силниот ветер урна дрвја, а од невремето оштетени и поплавени се се повеќе објекти. На некои места поради последиците од невремето затворени се локални и магистрални патишта, а илјадници домаќинства се без електрична енергија. Според инфомациите, кои ги пренесуваат словенечките медиуми, најсилните налети на ветерот биле речиси 100 километри на час, неколку реки низ земјата се излеани, а состојбата се уште не е смирена.
Според досегашните податоци на информативниот центар, најлошо е во Помурје, додека поплавени згради, многу паднати дрвја и прекини во електричната енергија има и во Горење, Корушка, Штајерска и Приморска.
Силниот ветер соборил голем број дрвја, од кои дел се паднати врз возила, згради, далноводи, предизвикувајќи еден пожар и неколку прекини во електричната енергија. Откриени се и штети на неколку покриви на згради и поплави во неколку подруми. Некои згради се оштетени и од град.
„Метеоинфо Словенија“ на својата фејсбук-страница објави дека по невремето во многу делови на Словенија денот се завршува со виножито, што е најава за период на постабилно време што се очекува на крајот на неделата.
„Топол африкански воздух повторно ќе почне да ни се шири. Температурите веќе в сабота ќе надминат 30 степени, а в недела и на почетокот на следната недела повторно може да очекуваме околу 35 Целзиусови степени“,
се вели во информацијата на „Метеоинфо Словенија“.