Вечерва во Париз се одржува изложба насловена „Супстрати“ , каде што ќе бидат претставени проекти на уметниците: Кристина Пулејкова (Северна Македонија), Нина Жељковиќ (Србија) и Дриант Зенели (Албанија).
Изложбата се реализира во рамките на културната програма на иницијативата „Отворен Балкан“, под покровителство на министерствата за култура на Северна Македонија, на Србија и на Албанија, во соработка со амбасадите на трите земји.
Од министерството за култура информираат дека кураторка на изложбата е Клаудија Пецолд, основач на порталот за подигнување на свеста за преобразба на природното и културното наследство „Curating Evolution“, која фокусирајќи се на современата уметност, ги нагласува фундаменталните врски меѓу трите земји во рамките на „Отворен Балкан“.
„Реализацијата на културната програма на ‘Отворен Балкан’ овозможува балканските земји, преку својата уметничка сцена, во современ концепт да ја претстават балканската култура и наедно, преку интеркултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, да ги промовираат специфичните културни и уметнички карактеристики на Балканот“
велат од Министерството за култура.
Настанот се одржува во Културниот центар на Србија, а обраќање на отворањето на изложбата ќе имаат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска , министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, и министерката за култура на Србија, Маја Гојковиќ.
Изложбата „Супстрати“ ќе биде отворена за јавноста до 12 август 2023 година.
