Увидот го правеше скопското обвинителство, а на терен беа и хемичари, електроинженери и вештаци – експерти за пожари

Заврши увидот во зградата на кумановскиот суд каде што пред два дена избувна пожар и изгоре дел од архивата. Во истата зградата со Основниот суд е сместено и Основното јавно обвинителство – Куманово, па за да нема конфликт на интереси, увидот го правеше обвинителка од Скопје.
Очекувањата се дека откако ќе се направат вештачењата, ќе се утврди и причината за пожарот.
„Сега заврши увидот, го водеше обвинителка од Основното јавно обвинителство Скопје, за да нема судир на интереси, предметот ќе се работи таму затоа што и ние сме сместени во зградата на судот. Како што ми пренесе обвинителката од Скопје, сите експерти биле на увид, првин од безбедносен аспект увидот беше направен како што треба, од кривичноправен аспект се дадени сите потребни наредби од вештите лица. Беа и хемичарите, електроинженери и вешти лица експерти за пожари. Така што сигурно откако ќе се направат вештачењата, ќе се утврди точната причина за пожарот и ќе излеземе со официјално соопштение од републичкото обвинителство“,
изјави шефицата на кумановското обвинителство Теута Бедиу-Рамадани.
Пожарот се случи во подрумските простории и не зафати делови што ги користи кумановското обвинителство, кое, како што вели Бедиу-Рамадани, ќе побара утре да се вклучи струјата и да почнат да го средуваат објектот и да работат.
И од судот излегоа со информација дека завршил увид, а претседателката на судот во изјава за МИА, Снежана Манев, рече дека добиле насоки од обвинителството за понатамошно функционирање на судот.
„Обвинителството ни укажа дека можеме да преземаме мерки за санација од последиците од опожарувањето. Тоа вклучува поврзување на струја, поврзување на вода, кои ни беа исклучени по пожарот. Ќе се санираат и стаклата на прозорците, ќе се уредува подрумскиот дел кој беше зафатен со пожарот. Увидот ќе ги покаже причините за опожарувањето. За сите овие насоки известен е судскиот совет“,
изјави Манев.
Влезот на судот и горните катови не беа опожарени во пожарот. Огнот го гасеа повеќе екипи од кумановската противпожарна единица, и завчера и вчера бидејќи имаше чадење од напластената архива.