И Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја потврди оставката на директорот на Клиничката болница во Тетово, Плумб Вела, и порача дека кога човек гледа, подобро е сам да поднесе оставка, отколку да биде разрешен
В. д. директорот на Клиничката болница во Тетово, Плумб Вела, преку статус на социјалната мрежа Фејсбук објави дека поднел оставка од функцијата директор на тетовската болница како и од шеф на огранокот во Тетово на владејачката партија Алијанса за Албанците, од лични и од здравствени причини.

„Почитувани тетовчани, почитувани активисти на Алијансата за Албанците! Ве известувам дека денеска од лични и здравствени причини поднесов оставка на функцијата В.Д. Директор на Клиничката болница во Тетово и истата ја депонирав во архивата на болницата во Тетово и во архивата на Министерството за здравство. Исто така, до седиштето на Алијансата за Албанците депонирав оставка и од функцијата шеф на огранокот на Алијансата за Албанците – Тетово. Ви благодарам на сите колеги од болницата, пријатели и поддржувачи на АА за поддршката и помошта во текот на овие месеци. На сите вас тетовци и активисти на Алијансата за Албанците, од се срце ви благодарам за континуираната поддршка!“,
напиша Вела.
Вела додаде дека ќе продолжи да придонесува во Алијанса за Албанците, но само како едноставен активист.
И министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја потврди оставката на директорот на Клиничката болница во Тетово, Плумб Вела, и порача дека кога човек гледа, подобро е сам да поднесе оставка, отколку да биде разрешен.
„Да, тоа е од лични причини, си поднесе оставка. Нормално, тоа се функции, во неврологија велат транзитни. И овие функции се транзитни, не се трајни, така што е нормално, некој доаѓа, некој си оди од лични причини. Добро е кога човекот гледа, нормално, подобро е да дадеш оставка или ќе те разрешат. Мислам дека тоа беше од лични причини“,
изјави Меџити.
Вела како в. д. директор на Клиничката болница во Тетово беше именуван во март годинава откако Алијанса за Албанците стана дел од владината коалиција.