Претседателот на Управниот суд рече дека не е запознаен ниту со содржината на кривичната пријава ниту, пак, со претставката во Судскиот совет, но вели дека би му било мило да ги знае за да може да одговори. Информациите дека ја злоупотребил положбата преку незаконска распределба на предмети и застарување на случаи, пак, вели дека ги отфрла со индикација и ги оценува како обид за нарушување на личниот и интегритетот на судот

Претседател на Управниот суд, Бурим Сејдини, негира дека ја злоупотребувал положбата и оти рачно распределувал, но и застарувал предмети. Објавувањето вакви информации во јавноста, тој го оценува како обид за лична и дискредитација на судот.
„Интересно е што се лиферуваат непотврдени информации во јавноста дека се поднесени анонимни кривични пријави од вработените во Управниот суд. Анонимноста на пријавите во корелација со вработените во судот, недвосмилено упатува на фактот дека покрај обидот за моја лична дискредитација се прави обид и за нарушување на институционалниот капацитет и интегритет на судот, макотрпно создаден изминатите години“,
рече Сејдини денеска на прес-конференција.
Неговиот јавен настап денеска следува откако ТВ Алсат изминатиот викенд објави дека вработени во судот му поднеле кривична поради сомнежи за злоупотреба на службената должност, а како една од причините биле сомневања за манипулирање со системот АКМИС. Телевизијата објави и дека имало анонимни пријави дека Сејдини намерно чувал во фионка речиси 200 предмети, главно финансиски случаи од Царина и од УЈП со цел тие да застарат и со тоа била нанесена штета од околу милион евра.
Наспроти тоа, пак, Сејдини денеска уверуваше дека Управниот суд немал, нема и ќе нема рачна распределба на судските предмети, туку таа била и ќе биде преку електронскиот систем АКМИС. И во однос на околноста за застарувањето, Сејдини тврди дека тој како претседател нема таква можност.
„Секој еден што влегол во суд знае дека претседател на суд не може да застари предмет, а особено што во управна судска постапка пред Управен суд, не е можно да застари предмет од областа на даноците и царините затоа што законските рокови за застареност што се предвидени во соодветните прописи се однесуваат единствено на постапување на органите на управата, а судот е единствено надлежен да констатира застареност согласно тие прописи. Оттука јас како претседател на судот ниту пак електронскиот систем располага со податоци кога одреден предмет ќе добие третман на застарен даночен или царински долг, за истите да бидат предмет на манипулација од моја или чија било страна“,
вели Сејдини.
За тоа дека направил штета, пак, не сакаше да коментира и остави јавноста да процени.
„Шпекулациите за наводно причинета штета од моја страна од милион евра, наведена во прилогот за кој во истиот наведуваат дека не се утврдени, цитирам ’од финансиската полиција и од државната комисија за спречување корупција‘, оставам да цени самата јавност и на совеста на тие што го приредуваат ова шоу“,
вели Сејдини.
Тој негираше и дека имало вработувања на негови роднини во судот и уверуваше дека сите вработувања се согласно законот.
„Јас не ценам роднински врски на оглас кој од објавените, пример, 14 места на определено време, ќе се пријават 14 кандидати. Извинете, но дали фактот што некоја личност е мајка, дете, ќерка, син, е важно при објавување на огласите и при реализација на вработувањата? дискриминирачки е да сметаме дека во ситуација која се пријавени 14 кандидати за одреден оглас вие да дискриминирате затоа што одредена млада личност е син, ќерка или слично на некој вработен во управниот суд“,
зборуваше Сејдини.
Додека тој ја држеше прес-конференцијата, новинарите го информираа дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) решила да отвори предмет против него и го прашаа за коментар, за што тој одговори дека предмети се отвораат секојдневно во сите институции и им посака успешна работа на антикорупционерите.
Информацијата за кривичната пријава против Сејдини не е единствената што изминатиот период излезе во јавноста. Медиумите изминативе денови објавија дека против него се води и постапка во Судскиот совет токму за наводни злоупотреби со распределбата на предметите. Официјално до каде е постапката во Судскиот совет, засега е непознато со оглед дека тие се тајни, а Сејдини денеска рече дека не е запознаен ниту со нејзината ниту со содржината на кривичната пријава за која пишуваат медиумите.
Тој не верува дека таа може да биде запрена, туку посочи дека процедурата предвидува формирање комисија во рамките на Советот, која ќе има свој известител и ќе постапува.
„Ќе ми беше мило да ги имав кривичните и претставката пред мене за да можам, без воопшто да овозможиме облевање на јавниот дискурс со неточни сознанија, да одговорам“,
рече Сејдини.