Многу сериозно ќе се позанимаваме со овие индиции, а богами и докази со кои располагаме, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, денеска од Штип го обвини министерот за здравство Фатмир Меџити дека има пуштено луѓе да бараат провизии по фирми. Шефот на ВМРО-ДПМНЕ не кажа имиња, ниту на поединци ниту на фирми, но кажа дека ВМРО-ДПМНЕ располагале и со докази.

„Јас имам еден совет до министерот за здравство. Да си ги прибере луѓето кои ги има пуштено по веледрогериите и компаниите кои соработуваат со Министерството за здравство и во негово име бараат провизија од тие веледрогерии и компании кои соработуваат со Министерството за здравство. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ многу сериозно ќе се позанимава со овие индиции, а богами и докази со кои располагаме“,
изјави Мицкоски.
Овој став Мицкоски го кажа на новинарско прашање за коментарите на министерот Фатмир Меџити изнесени во интервју за „Макфакс“, во врска со набавката на лекот „трикафта“. Станува збор за релативно нов и исклучително скап лек кој покажува ветувачки резултати кај болните од цистична фиброза.
Земјава досега набави количини кои се доволни само за мал дел од болните од оваа ретка болест, за кои докторите ценат дека се во особено тешка состојба. За останатите, според Министерството за здравство, наводно течат преговори. Во гостувањето на „Макфакс“, Меџити се обиде да се одбрани од критиките дека не обезбедил „трикафта“ за сите, со аргументи дека кога тој дошол во ресорот воопшто немало ниту протокол за лекот, ниту комисија, ниту центар за лекот и болеста.

Набројувајќи ги чекорите кои тој ги презел, вклучувајќи ја и претстојната средба со болните и нивните семејства, министерот беше потсетен дека еден пациент бил одбиен за средба. Меџити кажа дека имало еден пациент кој „правел шоу“, мислејќи веројатно на пациентот Ихор Пехчевски кој беше одбиен за лекување со „трикафта“, но продолжи да се бори објавувајќи фотографии со пароли на социјалните мрежи. Новинарот на „Макфакс“ се спротивстави на речникот на министерот, да означи како „шоу“ барање на пациент да добие лек. Меџити беше упорен да објасни дека не е пациентот тој кој ја одредува терапијата, туку докторот.
„Да се фати за работа и да им помогне на пациентите бидејќи тој е министер за здравство, а не е министер за циркус, па да на тој начин ги коментира маките на луѓето кои се борат за живот“,
кажа Мицкоски за овој дел од интервјуто на Меџити за „Макфакс“.