Украинскиот претседател ја даде оваа изјава на заедничка конференција за печат со турскиот претседател во Истанбул
Двете земји договарале учество на Турција во обновата на Украина, но и соработка на воено-индустрискиот комплекс во размена на технологии, производство на дронови и други стратешки прашања
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бил „среќен да слушне“ дека Турција ја поддржува апликацијата на Украина за влез во НАТО-алијансата. Оваа изјава Зеленски ја даде говорејќи покрај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничка конференција за печат во Истанбул, Турција. Двајцата претседатели имаа средба на која разговарале за „клучни прашања за нашата работа во контекст на НАТО, особено за подготовките пред самитот на НАТО во Вилнус“.
А на самитот на Вилнус се очекува Украина да биде на врвот на агендата.

„Го отворив прашањето на членството на Украина во НАТО-алијансата и бев среќен да слушнам дека претседателот Ердоган ја поддржува Украина да стане членка на НАТО…
Направивме и одредени договори… Ја поканив Турција да учествува во обновата и трансформацијата на Украина. Тоа ќе биде џиновски проект и потребна ни е помош од искуството и технологијата на Турција“,
изјави Зеленски.
Како што кажа Зеленски, со Ердоган било разговарано и за соработката со воено-индустрискиот комплекс, поточно за развој на технологии, производство на дронови и за други стратешки насоки.
Поддршката на Турција за членство на Украина во НАТО доаѓа во период кога официјална Анкара одбива да даде поддршка за членство на Шведска во алијансата. Шведска, заедно со Финска, побара членство во НАТО набрзо по руската инвазијата на Украина, но Турција му замерува на официјален Стокхолм што дозволува присуство и дејствување на курдските сепаратисти, особено на Работничката партија на Курдистан (ПКК). Финска стана членка на НАТО во април.
Зеленски ја посети Турција откако претходно беше и во Прага, во ненајавена посета во Словачка. Неговата посета е под будното око на Кремљ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кажа дека Москва многу внимателно ќе ја следи состојбата бидејќи Русија и Турција одржуваат тесни пријателски врски и очекуваат реципроцитет од турска страна.