Во последните триесет години сме инвестирале половина милијарда долари во програмите за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрување, вели амерканската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, во интервју за „Капитал“
Дозволете ми да повторам, вели Агелер, дека оваа земја и нејзините граѓани секогаш ќе ја имаат поддршката од САД. Не треба сами да се справувате со овие тешки прашања
Системската корупција во целата земја, во сите сектори, подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Ова е став на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, која во интервју за „Капитал“ го изрази разочарувањето од неуспехот на инвестициите на САД во борбата против корупцијата во земјава.

„Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен-темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате“,
вели Агелер.
Сепак, додава Агелер, САД немаат намера да „кренат раце“ од секторот.
„Соединетите Држави ќе продолжат да работат со оние што се борат против корупцијата во Северна Македонија, што се обидуваат да изградат просперитетно и динамично општество што го заслужува секој граѓанин.
Ние се потпираме на тие граѓани да бараат интегритет од својата влада за да ги постигнат овие цели, како и последици за оние кои ја изневеруваат довербата на јавноста. Ние секогаш ќе бидеме покрај вас во овие и во многу други напори што ќе ја донесат оваа земја на своето вистинско место како безбедна и просперитетна членка на евроатлантската заедница“,
вели Агелер за „Капитал“.
Меѓу повеќето прашања во интервјуто, Агелер одговара и за неодамнешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на САД.
„Премиерот имаше одлично патување во Њујорк и во Вашингтон, каде што се сретна со високи американски претставници во Обединетите нации, а потоа и во Стејт департментот и на Капитол Хил. Секогаш е добро да се посетуваат пријатели, а срдечноста со која беа пречекани премиерот и министерот за надворешни работи покажува колку длабоко Вашингтон го цени ова пријателство. Работиме заедно уште од вашата независност, а силата на нашето партнерство е многу важна за Соединетите Држави.
Како што велите, Северна Македонија е стратешки партнер и игра важна улога во регионот, која не треба да се потценува. Ниту една друга земја од Западен Балкан ја нема истата способност да зближи различни регионални лидери за конструктивни дијалози, а вашите мировни напори направија многу за да донесат стабилност и безбедност на Балканот.
Но, САД се јасни – и луѓето во оваа земја разбираат – дека се потребни внатрешни реформи, особено во борбата против корупцијата. Има уште работа, но дозволете ми да повторам дека оваа земја и нејзините граѓани секогаш ќе ја имаат поддршката од САД. Не треба сами да се справувате со овие тешки прашања“,
додава Агелер.
Целото интервју може да го погледнете ТУКА.