За правдата во Македонија да се испорача, од Министерството за внатрешни работи треба да дојдат на владина седница и сите комплетно да ги носат во Идризово, рече претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прашање за ефективниот притвор кој му беше одреден на поранешниот министер Миле Јанакиески
Она што му се случува на Миле Јанакиески е се, само не правда, односно секогаш кога на криминалната влада на ДУИ и СДСМ им е потребен дефокус во време кога се коментира за нивните криминали и корупција, тогаш тие како и секогаш посегнуваат по Миле и повторно прават нешто поврзано со него, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој додаде и дека уште во првите 100 дена од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има одговорност за сите лица кои што му нанеле неправда на Јанакиевски но и на сите семејства кои се жртви на владеењето на овие партии.
„За правдата да се испорача треба на седница на влада да дојдат МВР и луѓето кои што треба да ја спроведуваат правдата и комплетно сите од првиот до последниот да ги соберат и да ги однесат во Идризово. За да видиме навистина правда. Овие луѓе кои што ова му го прават на Миле на семејството на Миле, но и на сите оние семејства кои што денеска се жртви на оваа криминална влада на ДУИ и СДСМ, тука се и луѓето кои што се дел од 27 април, и многумина други сега да не ги споменувам, ќе треба одговараат сите оние кои што ја донесоа оваа неправда кон овие луѓе уште во првите 100 дена од владата на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Мицкоски.
Поранешниот министер за транспорт врски Миле Јанакиески вчера беше спроведен на издржување на затворската казна за случајот „Титаник“. Со оглед дека Јанакиески се наоѓаше во куќен притвор за истиот случај, не бил потребен упатен акт туку само наредба за спроведување.
„Судија за извршување санкции има издадено наредба за спроведување на правосилно осуденото лице за кое прашувате од куќен притвор на издржување на казна затвор со оглед дека обвинетиот веќе бил во куќен притвор во предметот за кој Апелација веќе донесе правосилна пресуда”,
кажаа од Кривичен.
Во однос на најавите од адвокатите на Јанакиески дека ќе бараат мерките притвор што ги издржувал во сите предмети досега да се пресметаат за казната во „Титаник“, од Кривичен изјавија дека дополнително ќе одлучат.
„За сите дополнителни барања и други предлози на одбраната одлучува судија за извршување санкции, управата на затворот доколку се бара прекин или Врховниот суд доколку е поднесено барање за вонредно преиспитување пресуда”,
велат од судот.
Ексминистерот Јанакиекси од Апелацискиот суд неделава доби пониска затворска казна од определената со првостепената пресуда, односно од четири години и шест месеци затвор, Апелација му ја намали казната на три години и шест месеци затвор.
Тој призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни измами во случајот „Титаник“, освен за делото злоупотреба на средствата за финансирање изборна кампања, но подоцна обвинителството се откажа од прогон за ова дело.