Откако предлог-законот за данок на солидарност беше повлечен од Собранието пред два дена од страна на Владата за доработка, денеска од министерството за финансии за ТВ Телма потврдиле дека тој ќе се врати во законодавниот дом, но овој пат со европско знаменце
Владата не се откажува од своите намери да воведе солидарен данок со кој сите фирми кои изминатата година оствариле приход од над 10 милиони евра ќе треба да платат еднократна јавна давачка, иако бизнисот неколкупати алармираше дека евентуалното носење на вакви реформи негативно ќе влијае на бизнис-климата во земјава. Вицепремиерот Фатмир Битиќи на прес-конференција изјави дека Владата се одлучила на овој чекор поради односот на опозицијата кон овие предлог-закони и покрај апелите на бизнис заедницата да не се злоупотребува европското знаменце за оваа процедура.
„За жал немаше слух во Собранието за да се донесат овие закони и секоја понатамошна одлука за овие закони, но и за сите други ќе бидат одговор на неразумно однесување како што направивме со законите за ‘Бехтел и Енка’, бидејќи граѓаните немаат време за чекање“,
рече Битиќи.
Еден од главните аргументи на Стопанската комора на С Македонија за штетноста на ваков вид оданочување е негативната бизнис-клима која би се створила, но и можноста со овие закони да се влијае на мотивацијата на странските инвеститори кои би сакале да инвестираат во земјава. Од друга страна, пак, првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски, има дијаметрално различно мислење. Според него, воведувањето на ваков данок нема да влијае на странските инвеститори бидејќи плаќањето ќе биде еднократно, а негова единствена замерка е зошто навремено не било кажано носењето на ваков данок.
Вчера, од Стопанската комора на С Македонија побараа целосно повлекување на предлог-законот за данок на солидарност и кажаа дека многу силно ќе се спротистават на евентуална употреба на европското знаменце за носење на вакви закони.
„Имаме впечаток дека овој механизам се употребува и кога навистина се европски законите, но и кога за тие закони нема општ консезус во државата, па сега се употребува страничен механизам за да се злоупотреби целата работа“,
рече вчера потпретседателот на Стопанската комора, Антони Пешев.
За потсетување, на почетокот на 2023 г. Владата најави дека ќе донесе Закон за данок на солидарност со кој сите фирми кои изминатата година оствориле приход од над 10 милиони евра ќе треба да платат еднократна јавна давачка. Со овој предлог се предвидуваше компаниите да платат данок по стапка од 30 отсто на разликата во добивката во однос на претходните 3 години. Владата пресмета дека од овој данок ќе собере 90 милиони евра од околу 200 компании кои го исполнуваат предложениот услов.