Не се исклучуваат корекции во однос на владината Уредба за замрзнување на изборите, поради многу дилеми што останаа по нејзиното донесување, како на пример, статусот на парламентот кој не би требало да биде распуштен повеќе од 60 дена
Наместо денеска (12 април), како што се договорија лани во октомври партиските лидери, десеттите парламентарни избори ќе може да се одржат најрано во првата половина во јуни, според проценките во политички кругови.
Според Уредбата за времено суспендирање на изборните дејствија, што Владата ја донесе на 22 март, новиот датум за одржување на изборите зависи од тоа кога ќе заврши вонредната состојба во земјава. Во рок од само еден ден откако ќе биде прогласено прекинување на вонредната состојба, ДИК треба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.
Вонредната состојба истекува за неколку дена?
Спроведувањето на првичниот Роковник на ДИК беше прекинато на 22 март, со владината Уредба за изборите, и тоа само еден ден пред датумот што беше определен за старт на кампањата. Според тоа, изборната кампања би требала да почне непосредно откако земјава ќе излезе од вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 18 март. Сепак, тогаш ќе треба да се донесе нова одлука за новиот термин за одржување на изборите.
Одлуката на Пендаровски, пак, има важност до четврток (16 април), со оглед на тоа што 30 дена се максималниот уставен рок за траење на вонредна состојба. За евентуално продолжување на вонредната состојба, ќе треба да се донесе нова одлука, за што Пендаровски не исклучи можност, во изјавата по последната седница на Советот за безбедност. Во таков случај, ако се предвидат нови 30 дена вонредна состојба, новата одлука за тоа би можела да биде валидна до средината на мај.

Оттаму и произлегуваат проценките дека првата половина на јуни е најраниот можен термин за продолжување на изборните дејствија. Односно за одржување на кампањата, која треба да трае 20 дена, по што би следело гласањето за нови пратеници, за што партиите составија и доставија до ДИК кандидатски листи, кои претходно беа потврдени на партиски конвенции, на самиот почеток на кризата со коронавирусот во земјава.
Како ќе изигра Уставниот суд?
Од друга страна, партиски извори не исклучуваат можност за корекции во однос на владината Уредба за замрзнување на изборите, поради многу дилеми што останаа по нејзиното донесување. Едно од прашањата што се отворени е статусот на парламентот, кој се распушти на 16 февруари, што беше и една од причините поради кои пратениците не се состанаа да прогласат вонредна состојба, туку таа обврска му ја препушија на шефот на државата. Обврската за замрзнување на изборите, пак, ѝ беше препуштена на Владата, затоа што парламентот не се состана за евентулно да ја ревидира одлуката за самораспуштање. Затоа, пак, во меѓувреме, Уставниот суд отвори расправа за уставноста на Одлуката за распуштање на деветтиот собраниски состав.

Според Уставот, вонредни парламентарни избори се одржуваат во период од најмногу 60 дена од распуштањето на парламентот. Ако не се поништи одлуката од 16 февруари за распуштање на парламентот, тогаш тој уставен рок ќе биде барем двојно надминат, со оглед на најавите дека е тешко изводливо да има избори пред јуни. Исто така, Уставот предвидува и дека парламентот, кога ќе биде во можност да се состане, треба да ја потврди одлуката на шефот на државата за прогласување вонредна состојба, а тоа моментно не е возможно, меѓу другото, и поради ставот на спикерот Талат Џафери дека распуштениот парламент нема мандат да заседава.
Во случај, пак, Уставниот суд да донесе одлука за поништување на одлуката на парламентот за самораспуштање, според проценките, можно е да се отвори простор и за одржување на изборите во некој од редовни термини. Роковите за одржување на десеттите парламентарни избори во редовен термин, би почнале да течат кон крајот на септември годинава, односно во последните 90 дена од мандатот на овој собраниски состав, кој беше конституиран на 30 декември 2016 година.