Начинот на промена мора да биде направен, тоа е детерминирано од Уставот и од законските решенија и нема друг начин бидејќи ние, сепак, за производството на тие документи имаме ангажирано фирма којашто ги произведува. Тие документи мора да бидат платени, вели министерот Спасовски
Половина од граѓаните кои треба да ги променат личните документи и во нив да стои новото уставно име на државата, Република Северна Македонија, веќе го имаат направено тоа, информира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Документите, како што вели Спасовски, ќе мора да се платат и да се променат и за нив нема да може да се избегнат дополнителните трошоци, како што беше со регистарските таблици.
„Документите треба да бидат променети до средина на февруари 2024 година. Веќе над 50 проценти од документите се променети, тоа оди со една добра динамика која ја имаме и тоа е еден личен документ, лична карта, патна исправа, кој треба да го имаме. Начинот на промена мора да биде направен, тоа е детерминирано од Уставот и законските решенија и нема друг начин бидејќи ние, сепак, за производството на тие документи имаме ангажирано фирма којашто ги произведува. Тие документи мора да бидат платени. Додека, знаете дека за регистарските таблички донесовме одлука со којашто тука практично тој издаток нема да го плаќаат граѓаните и ќе се олесни, така да во секој поглед гледаме што е можно максимално да помогнеме на граѓаните во рамките на можностите“,
рече Спасовски кој денеска во рамки на активноста „Отворен кабинет“ беше во Тетово.
На новинарско прашање кога полицијата ќе може да се види со двојазични униформи, Спасовски рече дека тоа ќе биде завршено до крајот на годината.
„Реализација започна на имплементација на сите тие законски решенија и подзаконски акти. Ние тоа го направивме во рокот којшто беше предвиден со правилниците. Секако дека сега продолжува како се вршат набавките во однос на униформата, односно ознаките, така и тие ќе бидат променети. Таа постапка е во тек и за многу скоро време тоа ќе се заврши. Сега имавме одредени технички проблеми во смисла на преводи и објавувања. Сето тоа како се завршува, и меѓутоа генерално на подрачјето на Република Северна Македонија секаде веќе се започнати“,
истакна министерот Спасовски во Тетово.
Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор, кој стапи на сила во февруари 2019 година. Според член 1 точка 10, личните документи треба да се променат во рок од пет години по стапувањето на сила на договорот – односно до февруари 2024 година.
Владата во март годинава донесе одлука со која поскапеа услугите за вадење лични документи. Така, замена на лична карта чини 310 денари, наместо 190 денари, колку што изнесуваше услугата претходно. Лицата над 27 години за замена на пасош сега плаќаат 2 000 денари во редовна процедура, наместо претходните 1 500 денари, а за нова возачка дозвола се потребни 410 денари, наспроти 280 денари, колку што чинеше претходно.
Зголемувањето на цените за услугата за вадење нови лични документи, министерот Спасовски го оправдува со порастот на цените на репроматеријалите за нивна изработка. Цените на репроматеријалите биле зголемени за 90 отсто, а зголемувањето на износот што граѓаните сега го плаќаат за да извадат нови лични документи, според Спасовски, не е големо.