Фудбалерот крадел вода од река за да го полни езерото, преместувал карпи, камења и песок во заштитено подрачје без дозвола и не ги почитувал забраните издадени од локалните власти
Бразилската и светска фудбалска ѕвезда Нејмар доби казна од околу три милиони евра во родниот Бразил. Казната ја издала општината Мангаратиба, за нелегални градежни работи на неговиот имот (куќа на плажа) во државата Рио де Жанеиро.
Причината за високата казна е изградба на вештачко езеро во огромната градина на резиденцијата, каде што во моментов престојува фудбалерот.
Не ги следел насоките
Пред изрекувањето на казната, резиденцијата на Нејмар била предмет на инспекција од страна на службите за заштита на животна средина. Службите откриле многубројни неправилности, како пренасочување извори, неовластено земање вода од река, ископи, преместување карпи и земја, како и употреба на песок од блиската плажа. Била издадена наредба за запирање на сите работи, а изградбата на езерото била забранета.
Шпанска „Марка“ јавува дека Нејмар не ги почитувал одлуките.
Според Си-ен-ен, куќата се наоѓа во подрачје во кое има строги правила против измена на слатководни текови, камени и песочни структури. Телевизијата јавува и дека тој ќе биде предмет на интерес на локалните истражни органи, полицијата и други владини надзорни тела.
Фото: EPA-EFE/SEBASTIEN NOGIER