Она што го забележуваме е дека тоа што функционира се надворешните механизми на контрола, односно претставниците на граѓанското општество кои ги набљудуваат правосудството и медиумите кои известуваат за најразлични случаи, во кои неквалитетот во правораздавањето доведува до непосакувани ефекти и до тоа криминалот и корупцијата да победат пред јавниот интерес, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија
Судиите се плашат да зборуваат за тоа што се случува во правосудството, а притоа се вреѓаат кога ние, кои го следиме правосудството, ќе излеземе со констатација дека судството е корумпирано. Јас би им порачала да не се навредуваат, туку напротив да излезат и да ги употребат правните средства кои им стојат на располагање, порача Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет
Судиите да се охрабрат и јавно да зборуваат за притисоците што ги трпат во работата, членовите на Судскиот совет да се избираат по примерот на членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) а нивната работа да се контролира со надворешни механизми, се дел од решенијата што ги понудија денешните учесници на дебатата „Како до независно судство“ која ја организира Институтот за демократија.
„Сведочиме на разбранети моменти со состојбите во Судскиот совет. Постојат, не само ризици, туку и материјализација на ризиците во смисла дека во обидот да се дојде до правда постојат пречки правната држава да ја раздели правдата онака како што треба и дека ресурсите со кои одредени моќни центри можат да направат таа правда да се избегне. Она што го забележуваме е дека она што функционира се надворешните механизми на контрола, односно претставниците на граѓанското општество кои го набљудуваат правосудството и медиумите кои известуваат за најразлични случаи во кои неквалитетот во правораздавањето доведува до непосакувани ефекти и до тоа криминалот и корупцијата да победат пред јавниот интерес“,
изјави Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
Според него, треба да се види како да се искористат тие надворешни механизми на контрола да имаат функција, не само во набљудување, туку веројатно можеби и во начинот на кој се избираат судии или како се избираат телата што се задолжени за обезбедување на квалитет во правосудниот систем.
Она што според Поповиќ е исто така важно е како судската фела да се охрабри да се спротивстави на таквите состојби. Во тој контекст тој укажа на истражувањата на ОБСЕ од 2009 и 2022 година за ризиците од корупција во судството
„Она што се забележува доколку ги погледнете двете истражувања на ОБСЕ, ќе видите дека системот на влијание се приспособил, односно додека во 2009 година се забележува дека влијанието врз непристрасното работење на судиите било подеднакво од нивните непосредни претпоставени, колеги, од Судскиот совет и од политичарите, додека сега во 2022 резултатите покажуваат некаква поинаква структура, односно две нивоа на контрола. Многу се поизразени влијанијата што судиите ги добиваат од своите колеги и претпоставени, некаде над 40 отсто од судиите пријавиле дека има искуство во кои нивни колеги им влијаеле. Едно од решенијата е да се победи тој притисок во секојдневната работа“,
рече Поповиќ.
И Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, се согласува дека работата на Судскиот совет треба да се контролира преку надворешен механизам, односно преку посебна комисија која ќе ги разгледува претставките поднесени до Судскиот совет кои сега се чуваат во фиока. Во составот на таа комисија, додаде Пировска, може да се размислува да влезат луѓе што не се дел од судската фела.
Според неа, она што сега го прави Судскиот совет е налик на државен удар бидејќи има нелигитимен претседател и функционира нелигитмно.
„Тоа што го слушаме и гледаме во последните 30-ина години во судството сега ја доживува својата кулминација. Ниту една власт во Северна Македонија не успеа да се воздржи од влијанија врз правосудниот систем и токму тоа доведе до тоа да постои една таква матрица која дури ни на самите судии не им дава да веруваат на системот чиј дел се и самите тие. Што останува за граѓаните кога гледаат дека токму највисокиот орган, оној што треба да претставува чувар на професионалноста, чесноста и одговорноста на судиите, се дрзнува со една дури дегутантна лагодност да го прекршува законот, не на една седница туку на две-три седници, да си избира нов претседател кој, сакајќи да ги покаже своите високи морални квалитети, изјавува дека верува во Господ и смета дека тоа е најважно нешто што треба да го знае народот“,
изјави Пировска.
Она што е страшно, додаде таа, е дека и јавната администрација и правосудството никогаш не сфатија дека треба да им служат на граѓаните, дека тие работат за да им ја испорачаат правдата на граѓаните.
„Истражувањето на ОБСЕ покажува дека и судиите сами не покренуваат судски постапки кога не се задоволни од изборите или напредувањето на судиите, тие се плашат да зборуваат за тоа што се случува во правосудството, а притоа се вреѓаат кога ние, кои го следиме правосудството, ќе излеземе со констатација дека судството е корумпирано. Се вреѓаат затоа што ги ставаме во исти кош со оние судии кои се навистина корумпирани и избрани по партиска линија. Јас би им порачала да не се навредуваат, туку напротив да излезат и да ги употребат правните средства што им стојат на располагање. Небулоза е што судиите молчат. Се направи во напредок во делот на она што значи законска регулатива, но повторно на крај се сведуваме на истата констатација. Каква и да имате законска регулатива, ако немате одговорни и професионални чинители кои треба да го спроведуваат законот, тогаш сè ви е бадијала“,
порача Пировска.
Таа заклучи дека ниту една власт нема да ги тргне шепите од правосудството „затоа што тоа е многу моќно орудие за одржување на власта, за плаќање на долговите кон коалициските партнери, за удоволување на барањата на партиското членство кое секогаш има многу високи апетити“.
Дарко Аврамовски, извршен директор на коалицијата „Сите за правично судење“, посочи дека за да се најде решение на кој било проблем прво е потребна дијагноза. Судските реформи, рече тој, се неуспешни затоа што недостига анализа на проблемот, но и се поставуваат преамбициозни цели кои не се остваруваат.
„Кај нас има отсуство на професионални кадри, не само во Судскиот совет туку и во Советот на јавни обвинители кои се краткогледи, што може да се види од примерот со покренувањето дисциплинска постапка против обвинителката Ленче Ристовска затоа што кажа дека има тргување со јавно влијание. Ние треба да најдеме начин како да ги поттикнеме судиите и обвинителите да земат учество во реформската еволуација на процесот, да ги креираат и тие политиките и да учествуваат во нивното спроведувањето. Треба да ги тргнеме несоодветните лица од судскиот систем. Ние имаме судии кои се дигитално неписмени, а утре можеби истите тие ќе треба да донесат пресуда во некој случај со компјутерски криминал, хакирање или крипто-валути“,
посочи Аврамовски.
Според него, судија треба да биде оној што има животно искуство и карактер, интегритет и јавно тоа да го демонстрира. Изборот на Судски совет да биде налик на изборот на членовите на ДКСК. Јавноста да се запознае со нив, со нивната перцепција, искуство, идеи, карактер, а не да велиме „ај ќе го избереме да му дадеме шанса“, истакна Аврамовски.