Наместо да повикува на војна сред Собрание, пред цела јавност, да покаже доблест и да се поклони пред спомен-кулата во Слупчане – пишува во соопштението од Демократската унија за интеграција
„Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри да отвори предистрага“, рече вчера, меѓу другото, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Во денешното соопштение интегративците ја повикуваат најголемата опозициска партија да не го блокира европскиот пат на земјата.
„Наместо секој ден да тоне во антиалбански и антиевропски сентимент, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги поддржи европска Македонија и уставните измени. Наместо да се грижи за ДУИ, треба да се грижи за Северна Македонија. Наместо Мицкоски да дава насоки на своите градоначалници да не издаваат дозволи за градба и потврди за законска легализација на Албанци, наместо да забранува доделување на работа на албански фирми, да им дозволи на своите пратеници да гласаат по свое убедување“,
пишува во соопштението на ДУИ кое е реакција на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од партијата на Ахмети на Мицкоски му сугерираат, како што велат, да не вади ретки архивски слики во маскирна униформа со празен калашников и жени и деца на испраќање на отслужување воен рок и наместо тоа да ја преведе веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ и на албански јазик.
„Наместо да повикува на војна сред Собранието, пред цела јавност, да покаже доблест и да се поклони пред спомен-кулата во Слупчане“,
му порачуваат од ДУИ на Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера, коментирајќи ја одлуката на Обвинителство да отвори истрага под кодно име „Феникс“ за набавката на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, ги повика медиумите да одат и да прашаат дали и кој дал дозвола за градба на споменикот во Слупчане.
„Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри да отвори предистрага. Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој што служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“,
изјави Мицкоски.
Јавното обвинителство денеска излезе со повик до политичките партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, како и кое било друго постапување на Обвинителството.
„Ги потсетуваме сите политички чинители на пораката што во овој контекст пред само неколку дена ја упати американскиот Стејт департмент -‘лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата’. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавниот обвинител кој постапува во предметот преземаат дејствија за обезбедување докази, целосно водејќи се од начелата на правичност и заштитата на пресумпцијата на невиност“,
се наведува во соопштението на ЈО.