Според украинската војска на терен, но и според западните експерти, брз пробив низ руските линии е невозможен поради огромниот број мински полиња и ровови
Сепак, напредокот во метри наместо во километри, анализира Си-ен-ен, може да има негативен ефект во земјите поддржувачи на Украина, каде што во следната година, година и половина ќе има избори
Минските полиња во јужна Украина се толку густи што украинските трупи кои се обидуваат да го ослободат просторот напредуваат „дрво по дрво“, ја пренесува Си-ен-ен изјавата на еден војник кој учествува во контраофанзивата на Киев. Во сите години на служба, вели тој, никогаш не видел толку многу мини.
Војникот, кој побарал да биде идентификуван со името Легија, за Си-ен-ен изјавува и дека дејствувањето на неговите колеги било прилично успешно и ефективно. Па, сепак, додека тој и другите украински војници мораат да се пробиваат низ мински полиња и добро утврдени позиции, сето тоа додека се под напад и од земја и од воздух, поголемиот дел од светот се чини дека мисли дека се движат премногу бавно.

Западните сојузници на Украина стануваат сè понервозни за фактот дека напредокот на контраофанзивата на Киев се мери во метри, а не во километри. Тие се свесни дека Украина не може да ја порази Русија сама, но бавното темпо значи дека нивната поддршка може да стане неодржлива ако конфликтот продолжи да се развлекува.
Многу од државите што ја поддржуваат Украина и самите се борат со висока инфлација, раст на каматните стапки и мал економски раст. Нивните лидери, некои од нив соочени со избори во следната година или година и пол, ќе мора да ја оправдаат високата цена на ресурсите кои се истураат во Украина во време кога некои од нивните гласачи не можат да спојат крај со крај.
Засега, сепак, поддршката се чини дека е цврста. Мноштво украински и западни функционери признаваат дека контраофанзивата засега не успеа да донесе големи пробиви, но веднаш додаваат и дека бавниот напредок е оправдан. Фронтот во јужна и источна Украина речиси и да не е поместен во последните месеци, што им даде многу време на Русите да ја подготват одбраната.
Според тинк-тенк организацијата од Вашингтон, Институтот за проучување на војната, многу од главните стратегиски делови на фронтот се чуваат со повеќе линии на одбрана, што отежнува поголем пробив на Украинците. Шефот на Здружената оперативна команда на САД, генералот Марк Милеј, вели дека темпото не е изненадувачко.
„Ние им даваме онолку помош колку што е возможно, но на крајот на краиштата, украинските војници напаѓаат низ мински полиња и ровови. Така што, да, оди бавно. Но, тоа е дел од природата на војната. Офанзивата напредува стабилно, со намера, низ многу тешки мински полиња… знаете, 500 метри дневно, 1 000 метри дневно, 2 000 метри дневно, со тоа темпо“,
ја пренесува Си-ен-ен изјавата на Милеј.
Легија, украинскиот војник со кого разговара Си-ен-ен, вели дека е јасно дека руските сили се подготвувале со месеци.
„Тие знаеле дека ова е делот во кој ќе се случи главниот напад, па се подготвиле детално. Имаат артилерија и авијација овде и авиони, а и хеликоптери дејствуваат постојано“,
вели војникот со кодно име Легија за Си-ен-ен.
Следуваат „главните“ настани
Украинските власти постојано повторуваат дека контраофанзивата е почната, но дека допрва треба да се случи главниот удар. Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малаир, минатиот месец изјави дека Украина чува дел од резервите за „главниот удар“.

Институтот за проучување на војната, пак, пренесува информации од руските воени блогери според кои украинските војници не се обидуваат да спроведат операција од големи размери. Се чини дека украинската војска прави мали напади на различни локации по речиси 1 000 километри долгата линија на фронтот, во обид да ги потрошат руските резерви пред да почнат голема офанзива.
„Секој метар, секој километар чини животи. Може да направите нешто набрзина, но сè е минирано. Нашите луѓе се нашето богатство. Затоа сме внимателни“,
ја пренесува Си-eн-eн последната изјава а Володимир Зеленски на темата.
Вчера Зеленски призна дека изминатата недела била особено тешка за војската на фронтот. Но додаде и дека чекор по чекор војниците се движат напред.
Американскиот генерал Милеј, пак, повикува на трпение и вели дека очекува контраофанзивата да трае 10 недели.
„Реков дека ова може да трае шест, осум, 10 недели. Ќе биде многу тешко. Ќе биде многу долго и ќе биде многу, многу крваво. И никој не треба да има илузии за тоа“,
вели Милеј