Салите за интервенција се сместени во подрумските простории на скопска Кардиологија
Денешното кратко, но силно невреме што го зафати Скопје ги поплави подрумските простории на Клиниката за кардиологија каде што се сместени салите за интервенција.

Освен за поплавата на Кардиологија, до Центарот за управување со кризи (ЦУК) стигнале повеќе пријави за поплавени простории и улици на подрачјето на главниот град.
„Во ЦУК е пријавено дека се поплавени неколку подрумски простории на ул. ‘Јордан Мијалков’, спроти зградата на ‘Лимак’, две куќи поплавени во населба ‘Драчево’ на ул. ‘Славка Динкова’, големо количество вода во подвозникот кај Тинекс, кај катната гаража на ул. ‘Антон Попов’“,
информираат од ЦУК.
Оттаму велат дека стапиле во контакт со пожарникарите од бригадата на Град Скопје и биле испратени екипи за испумпување на водата од критичните точки.
Освен поплави, во невремето кое ја зафати скопската котлина откорнати се повеќе дрвја, а едно од нив, како што соопштија претходно од ЦУК, падна врз автомобил во движење.
„Исто така, имало паднато голема гранка од дрво, во близина на аптеката ‘Зегин’ на Бул. ‘Св. Климент Охридски’“,
додаваат од Центарот за управување со кризи.
До Центарот за управување со кризи стигнале и пријави за скинат кабел за струја во село Говрлево и за скршена бандера во Горно Лисиче која, како што велат оттаму, виси над двор од куќа и постои опасност да падне.
„Од страна на Регионалниот ЦУК Скопје се известени надлежните служби за отстранување на опасноста“,
информираат од ЦУК.
Невремето со пороен дожд, силен ветер и грмотевици го зафати Скопје нешто пред 16 часот.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) претходно денеска најави дека во попладневните и вечерните часови се очекува нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени места, прогнозира УХМР, процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.
Нестабилно време со локален пороен дожд нѐ очекува и утре.
