Судија на претходна постапка претходно му одреди 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев за злоупотреба на службената положба за случајот „Феникс“. Како што информираа за „360 степени“ од Основниот Кривичен суд во Скопје, притвор за истиот случај му е определен и на Љ.Б., додека на лицето Т.Д. му е одреден домашен притвор
Поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ повеќе од три часа е на распит во Кривичниот суд за случајот „Феникс“. Тој е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Обвинителството бара да му се одреди 30-дневен притвор.
Судија на претходна постапка претходно му одреди 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев за злоупотреба на службената положба за случајот „Феникс“.
Како што информираа за „360 степени“ од Основниот Кривичен суд во Скопје, притвор за истиот случај му е определен и на Љ.Б., додека на лицето Т.Д. му е одреден домашен притвор.
Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.
Обвинителот Љубомир Лапе денеска презентираше детали за случајот, при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици. Станува збор за следните споменици: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.
Првоосомничен во случајот, кој е со кодно име „Феникс“, е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.
Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
