Пред почетокот на средбата претседателот на синдикалната организација „Солидарност“, Васе Недановски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на прес-конференција изразија надеж дека ќе успеат заеднички да дојдат до решение. Недановски рече оти е убеден дека помирувачот ќе ја заврши работата предвидена со законски рокови, но посочи дека секоја одлука која е спротивна на нивните заложби автоматски ќе доведе до генерален штрајк на вработените во УЈП
Синдикалната организација „Солидарност“ и Управата за јавни приходи (УЈП) денеска го започнаа процесот на помирување со новиот посредник Илија Манасиев, а во врска со барањето за зголемување на платите на вработените за 30 отсто, поради кое неодамна беше најавен и генерален штрајк.

Пред почетокот на средбата претседателот на синдикалната организација „Солидарност“, Васе Недановски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на прес-конференција изразија надеж дека ќе успеат заеднички да дојдат до решение.
„Убеден сум дека со отпочнувањето на процесот ќе изнајдеме решенија и одлуки кои ќе овозможат добивање согласност за потпишување на колективните договори. Како најважно е зголемувањето на платите на вработените во УЈП за посочените 30 проценти и тоа да биде направено независно од донесените одлуки и оние одлуки кои ќе бидат донесени во иднина од социјално економскиот совет. Во моментот платите кои се исплаќаат се во износ за процент од најмалку 30 отсто помал од утврдено во одредбите од постојниот колективен договор. Сето тоа упатува на целосната основаност на барањата на вработените поврзано со правото на зголемување на нивните плати“,
рече Недановски.

Тој рече оти е убеден дека помирувачот ќе ја заврши работата предвидена со законски рокови, но посочи дека секоја одлука која е спротивна на нивните заложби автоматски ќе доведе до генерален штрајк на вработените во УЈП.
„Убеден сум дека помирувачот доследно ќе ја заврши работата и во роковите предвидени со Закон, со наше прифаќа на ставовите, одлуките и понудените решенија и ќе се постигне решение со кое ќе се остварат нашите заложби. Секоја одлука надвор од посочената рамка ќе претставува автоматски отпочнување со генерален штрајк. Тоа е состојба на која од самиот почеток укажуваме дека истата не е пожелна, ниту за работодавачот, ниту за вработените, а најмалку е пожелна за државата и нејзиното непречено функционирање“,
изјави Недановски.
Директорката на Управата за јавни приходи, исто така, рече дека очекува решението да биде изнајдено на база на дијалог и дискусија и дека УЈП како работодавач и репрезентативниот синдикат секогаш биле на иста страна.
„Јас очекувам, како што функциониравме во изминатиот период на база на разговори и дискусија и на дијалог што го имавме како работодавачи кон репрезентативниот синдикат, дека ќе изнајдеме најсоодветно решение, се со цел да успееме и во нашите заложби и во нашите барања бидејќи заеднички го правевме колективниот договор со репрезентативниот синдикат. Единствено можам дека кажам дека овој проблем којшто произлезе, ако може така да го наречам ќе претставува и соодветен предизвик и очекувам дека ќе имаме резултати на крајот, односно дека исходот ќе биде позитивен. Така што мислам дека преговараме за да успееме да застанеме заеднички како и досега. Мислам дека и работодавачот, Управата за јавни приходи и репрезентативниот синдикат сме биле на иста страна во она што значи унапредување на Управата за јавни приходи и остварување на работничките права“,
рече Лукаревска.

Посредникот Манасиев информира дека помирувањето ќе се одвива во неколку фази.
„Во законот има две одредби кои меѓу себе се конфронтираат и тоа е потребата за промена на тој закон во догледно време. Затоа што според едниот став имаме 10 дена рок откако ќе почне процесот, а според друг став имаме 20 дена за работата на одборот, меѓутоа во принцип ќе се трудиме максимално нашите средби да ги одржиме преку исцрпување на аргументите. Ние ќе поминеме во неколку фази, фаза на разгледување на проблемот, разгледување на различни опции кои можат да бидат дел од решавање на овој процес. Веќе од следната фаза ќе направиме тест на реалноста колку од тие опции се возможни, а колку не се возможни“,
изјави Манасиев.

Тој апелираше на воздржаност од страна на медиумите и политичарите од давање и пренесување на изјави додека трае процесот на помирување.
Синдикатот на Управата за јавни приходи го назначи Илија Манасиев за нов помирувач меѓу нив и раководството на Управата за јавни приходи (УЈП).
Манасиев е назначен откако претходниот помирувач Лазар Јовевски се откажа поради тоа што бил во странство.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараат зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање најавуваат активирање на одлуката за генерален штрајк.
Одлуката за генерален штрајк требаше да стапи во сила на 27 месецов, но беше пролонгирана поради назначувањето нов помирувач во процесот.