Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека по изборите не исклучува соработка со група пратеници од СДСМ кои би се отцепиле од матичната партија, а во однос на ДУИ, пак, посочи дека таа е последна опција за соработка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека откако по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јули, не слушнал која од двете понуди што ги дал ја прифаќа СДСМ, сега останува само опцијата за избори.
„Двете опции кои ги понудив на лидерската средба беа на маса до овој момент, до оваа емисија сè уште не слушнав одговор од страна на Ковачевски која од двете опции ги прифаќа, дали првата со одложено дејство па да видиме, или втората предвремени парламентарни избори. Од денеска има само една опција на маса, а тоа е предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.
Можна соработка со група пратеници од СДСМ, ДУИ е последна опција
Тој зборуваше и за потенцијалните соработки на ВМРО-ДПМНЕ во иднина по изборите на кои е уверен дека неговата партија ќе победи.
За СДСМ рече дека колку побргу ова раководство се тргне од партијата толку подобро и за неа и за Македонија, но во иднина не исклучува соработка со некои пратеници од редовите на социјалдемократите кои после изборите би се отцепиле како независна партија.
„Не исклучувам никаква можност во иднина некоја реформирано СДС, некоја независна пратеничка група којашто после изборите ќе излезе од редот на СДС да ја поддржува Владата итн. Не исклучувам такви можности, во политиката никогаш ништо не можете да исклучите“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на ДУИ, пак, рече дека има јасен став и ќе направи сè што е можно интегративците да не бидат дел од идната влада.
„ДУИ е последна варијанта за соработка. Да бидам уште попрецизен, со ова раководство на ДУИ и ќе направиме се идната влада да биде без ДУИ. Тоа да немате дилеми“,
рече Мицкоски.
Инаку, на лидерската средба по која се отвори прашањето за заедничко учество на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во владата, премиерот Ковачевски предложи да се изгласа отворање на Уставот, потоа ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и да преземе пет од десетте ресори што ги предводат социјалдемократите. Ваквата влада да ги спроведе уставните измени и да го заврши скрининг-процесот со ЕУ, но и да ги организира следните избори. Уставните измени, пак, да важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција.
На ова Мицкоски возвратил дека е подготвен да влезе во Владата, но без учество на ДУИ, а евентуалните уставни измени да важат од моментот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за влез на Северна Македонија во ЕУ.
Вториот предлог на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој тој го спомена денеска беше да се оди на предвремени парламентарни избори наесен, а до тогаш да се формира влада на широко национално единство без ДУИ. Поразениот на изборите да го поддржи победникот и да се бара гаранција од ЕУ за македонскиот идентитет, јазик и традиција, како и определен економски пакет за бизнисот и граѓаните да се подготват во процесот на преговори.
