Верници и поддржувачи на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) веќе се на платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде што попладнево од 18 часот почнува најавениот собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција.
Граѓаните прво влегуваат во внатрешноста на Соборниот храм, а потоа се групираат во дворот. Дел од нив со себе носат икони, дел знамиња.
Таму веќе се поставени повеќе видеобимови преку кои граѓаните ќе може да ги проследат говорите, како и голема бина со столчиња.
Околу Соборниот храм, пак, присутна е полицијата, а на платото се распоредуваат припадници на приватно обезбедување.


Под мотото „Имаме должност“, МПЦ-ОА денеска излегува на најавениот сенароден собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција за кои, како што велат од црквата, се сериозна закана за општеството.
Oд 17 часот, па сѐ до завршување на протестот за сообраќај ќе бидат затворени следните крстосници: бул. „Партизански одреди“ со бул. „ВМРО“ во правец кон Карпош, бул. „Партизански одреди“ со ул.„Франлкин Рузвелт“ во правец кон Центар, бул. „Илинден“ со бул. „Св.Климент Охридски“ во правец кон Соборниот храм и бул. „Св.Климент Охридски“ со ул. „Димитрије Чупоски“ во правец кон Соборниот храм.
Неколку часа претходно, епископот Јаков Стобиски, преку видеообраќање ги повика оние што ќе бидат дел од протестот да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации од организации и луѓе кои, како што вели, перманентно и систематски го поткопуваат нашето општество и вредносен систем.
