Соопштението од ИВЗ доаѓа неколку часа пред почетокот на собирот на кој повика МПЦ-ОА, а кој е во знак на протест против носењето на овие две предлог-законски решенија, но, сепак, во него не е наведено дали припадниците на исламската заедница ќе бидат дел од протестот пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ вечерва од 18 часот
Исламската верска заедница (ИВЗ) денеска преку писмено соопштение информира дека е против донесување на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција. Соопштението доаѓа неколку часа пред почетокот на собирот на кој повика Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а кој е во знак на протест против носењето на овие две предлог-законски решенија.

Сепак, во соопштението на ИВЗ не е наведено дали припадниците на исламската заедница ќе бидат дел од собирот пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ вечер од 18 часот.
„ИВЗ и порано излезе со став дека ја поддржува одлуката на сите поглавари на верските заедници во земјава, која дојде како резултат на заедничката средба од 7 мај годинава, при што беше истакнато дека законите за кои станува збор се спротивни на религиозните принципи и тие нема да бидат поддржани“,
се наведува во соопштението на ИВЗ.
Во однос двата предлог-закони, кои се спорни за верските заедници во земјава, ИВЗ вели дека е потребно отворање на јавна дебата која пред сè ќе биде насочена кон заштита на традиционалните семејни вредности.
„Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ“,
се додава во соопштението на Исламската верска заедница.
Под мотото „Имаме должност“, Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска излегува на најавениот сенароден собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција за кои вели дека се сериозна закана за општеството.
