Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно, се вели во соопштението од ЈОРСМ
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас вчера, преку допис до медиумите, на невообичаено директен начин упати критики до македонското правосудство затоа што австриска компанија не може да наплати отштета од фирма во земјава
Основните јавни обвинителства во Гевгелија и Скопје, како и Вишото јавно обвинителство Скопје водат три посебни постапки, по поднесени кривични пријави од австриската фирма „АММА импорт експорт џи-ем-би-ејџ“, за кои во отворено писмо до медиумите вчера алармира австрискиот амбасадор, информираат денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
„Иако во конкретниот случај во основа станува збор за граѓанско-правен однос меѓу правните субјекти, а нивните права се обезбедуваат во соодветни судски и други постапки, по поднесените кривични пријави се постапува исклучително ажурно“,
се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Од ЈОРСМ појаснуваат дека наведеното правно лице во 2021 година до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава за кривично дело – измама и злоупотреба на службена положба.
„Надлежниот јавен обвинител, по проверка на сите наводи утврдил дека нема елементи на наведените кривични дела, туку елементи на граѓанско-правен однос за кој оштетените воделе постапка која е завршена пред Меѓународниот центар за арбитража во Виена, Австрија. По изјавената жалба на решението, предметот се наоѓа на постапување во Вишото јавно обвинителство Скопје“,
информираат од ЈОРСМ.
Во меѓувреме, истото правно лице поднесе пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за кривично дело оштетување или повластување на доверители.
„Пријавата е примена на 26.5.2023 година и надлежниот јавен обвинител веќе постапува, прибира докази, а по потреба ќе нареди и соодветни вештачења“,
велат од Обвинителството.
До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, истото правно лице на 23.6.2023 година поднело кривична пријава против неименувани службени лица во Агенцијата за катастар за недвижности за несовесно работење во службата, фалсификување службена исправа и компјутерски фалсификат.
„Пријавата веќе е распоредена кај јавен обвинител, се проучува и се преземаат дејствија со цел да се испитаат наводите, да се обезбедат докази и да се идентификуваат евентуални сторители“,
се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас вчера, преку допис до медиумите, на невообичаено директен начин упати критики до македонското правосудство затоа што австриска компанија не може да наплати отштета од фирма во земјава. Образложувајќи го деловниот спор во кој, како што наведува, компанијата „АММА импорт експорт џи-ем-би-ејџ“ со седиште во Хоенемс, Австрија, поради манипулации и одолговлекувања од македонските судови не може да наплати отштета од 4,5 милиони евра од фирмата „Дена продукт увоз-извоз“-Велес, амбасадорот директно посочува дека во случајот е инволвирана фирма чиј сопственик е Емилија Заева-Костова, сопруга на сопственикот на „Дена“, Атанас Костов, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Навременото дејствување е од суштинско значење зашто ‘Дена’, од самиот почеток, со поддршка на сродни компании и нотари, презеде разни активности за да се спречи значајно извршување на побарувањата. Меѓу другото: најголемиот дел од својот имот го префрлиле на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ) поврзана компанија која е во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев; помогнале во две извршни дејствија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот катастар е изманипулиран; поттикнале јавно наддавање за сопствена стаклена градина на 10 јули 2023 година во Богданци и покрај тековните граѓански дејства и кривични истраги“,
наведува австрискиот амбасадор во дописот до медиумите.
По ова, со реакција се јави поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, чиј член на фамилијата, но и самиот тој се споменуваат во дописот на амбасадорот.
Покрај оградувањето од каква било инволвираност во деловниот спор, Заев во реакцијата упатува и порака до австрискиот амбасадор дека ќе се видат на суд ако повторно го спомене неговото име на ваков начин.
„Целосно се оградувам од каква било моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува. Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да преземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот“,
наведува Заев во реакцијата.
Судскиот совет денеска соопшти дека ќе ги проверува наводите на австрискиот амбасадор и ќе изготви извештај.
Според информациите од Судскиот совет, членовите биле известени за случајот преку поднесок што го поднел амбасадорот и во прилог ставил и исечок од објавен текст во неделникот „Фокус“.
„Од содржината на примениот допис, членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор што се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под надворешни влијанија. Од работната средба произлезе заклучок дека наводите во известувањето ќе бидат проверени од страна на координаторите на Основниот суд во Гевгелија и Апелацискиот суд во Скопје, со непосреден увид во списите на предметот, дејствијата преземени од страна на судовите и евентуално донесените одлуки“,
информираа од Судскиот совет додавајќи дека потоа ќе се изготви извештајот и ќе се продолжи со понатамошни активности за следење на предметот.
