Во известувањето, од Судскиот совет исто така потсетуваат и дека согласно Законот за судови испитувањето и контролата на одлуките на пониските судови ги врши повисокиот суд
Судскиот совет ќе ги проверува наводите на австрискиот амбасадор Георг Вуцас и ќе изготви извештај откако дипломатот вчера преку писмено соопштение до медиумите упати критики до македонското правосудство затоа што австриска компанија не може да наплати отштета од фирма во земјава. Во дописот тој директно го спомена и експремиерот Зоран Заев чија братучетка е сопственичка на фирма инволвирана во спорот.
Според информациите од Судскиот совет, членовите биле известени за случајот преку поднесок што го поднел амбасадорот и во прилог ставил и исечок од објавен текст во неделникот „Фокус“.
„Од содржината на примениот допис, членовите на Советот на работен состанок констатираа дека поголемиот дел од наводите се однесуваат на незадоволство од постапувањето на Јавното обвинителство, а во еден дел се споменува и трговски спор што се води пред Основниот суд во Гевгелија, кој е во тек. Во содржината на дописот, амбасадорот истакнува сомнеж дека спорот се води под надворешни влијанија. Од работната средба произлезе заклучок дека наводите во известувањето ќе бидат проверени од страна на координаторите на Основниот суд во Гевгелија и Апелацискиот суд во Скопје, со непосреден увид во списите на предметот, дејствијата преземени од страна на судовите и евентуално донесените одлуки“,
велат од Судскиот совет додавајќи дека потоа ќе се изготви извештајот и ќе се продолжи со понатамошни активности за следење на предметот.
Сепак, од Судскиот совет потсетуваат и дека согласно Законот за судови испитувањето и контролата на одлуките на пониските судови ги врши повисокиот суд.
Вчера амбасадорот на Австрија, образложувајќи го деловниот спор во кој, како што наведува, компанијата „АММА импорт експорт џи-ем-би-ејџ“ со седиште во Хоенемс, Австрија, поради манипулации и одолговлекувања од македонските судови не може да наплати отштета од 4,5 милиони евра од фирмата „Дена продукт увоз извоз Велес“, директно посочува дека во случајот е инволвирана фирма чиј сопственик е Емилија Заева-Костова, сопруга на сопственикот на „Дена“, Атанас Костов, но и братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
„Навременото дејствување е од суштинско значење зашто ’Дена‘, од самиот почеток, со поддршка на сродни компании и нотари, презеде разни активности за да се спречи значајно извршување на побарувањата. Меѓу другото: најголемиот дел од својот имот го префрлиле на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ) поврзана компанија која е во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев; помогнале во две извршни дејствија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот катастар е изманипулиран; поттикнале јавно наддавање за сопствена стаклена градина на 10 јули 2023 година во Богданци и покрај тековните граѓански дејства и кривични истраги“,
наведува Вуцас во дописот до медиумите.
На ова реагираше поранешниот премиер Зоран Заев кој му упати порака на амбасадорот дека ќе се видат на суд, ако повторно го спомене неговото име на ваков начин.
