Според владината одлука, иако станува збор за општински улици и патишта, кои се во надлежност на локалните власти, во интерес на граѓаните за нивно санирање, заштита и реконструкција ќе бидат ангажирани Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и Јавното претпријатие за јавни државни патишта. Двете јавни претпријатија имаат рок од шест месеци да достават извештај за извршената работа
Владата на денешната 163. седница одлучи јавни државни претпријатија да ги санираат штетите улиците и патиштата во општините Делчево и Крива Паланка кои беа оштетени од поплавите од невреме што неодамна ги погоди подрачјата на двете општини поради што беше прогласена кризна состојба.

Според владината одлука, иако станува збор за општински улици и патишта, кои се во надлежност на локалните власти, во интерес на граѓаните, за нивно санирање, заштита и реконструкција ќе бидат ангажирани Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта и Јавното претпријатие за јавни државни патишта.
„Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на општинските патишта и улици, за коишто работите за рехабилитација и реконструкција ќе ги вршат јавни државни претпријатија. Со Одлуката, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, практично се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта – и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка“,
се наведува во соопштението од Владата по денешната седница.
Одлуката, како што се наведува, е донесена по известувањата доставени од Општина Крива Паланка со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктурата коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на Републиката. Од Општина Делчево е доставено известување со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница.
Двете јавни претпријатија, според владината одлука, имаат рок од шест месеци да достават извештај за работата, односно за извршената рехабилитација на општинските улици и патишта.
Силно невреме со пороен дожд и грмежи на 8 јуни во попладневните часови го зафати Делчево што предизвика оштетувања на дел од коловозите во градот и околината, а беа поплавени подрумски простории на куќи и други објекти во градот.
Осум дена подоцна, на 16 јуни, силно невреме ја погоди Крива Паланка што доведе до излевање на Крива Река и Киселичка Река и предизвика големи штети на неколку пешачки мостови, а поплавени беа и домови на граѓани.
