Во врска со предлог-законот за матична евиденција, од СДСМ посочуваат дека Владата го повлекла од собраниска процедура во март 2022 година за да се направи дополнителна консултација заради исполнување на очекувањата на целото општество. За законот за родова еднаквост, според заклучокот на ИО, од владејачката партија сметаат дека консултативниот процес треба да продолжи, со проширување на јавната дебата со сите засегнати страни
Прашан за коментар на одлуките на партијата и дали како црква МПЦ-ОА ќе учествува во јавната дебата, епископот Јаков Стобиски, кој говореше на денешната прес-конференција на МПЦ-ОА во пресрет на протестот закажан за в четврток, рече дека одлуката на ИО на СДСМ е за поздравување, иако станува збор за партиска одлука и дека сега на потег е Владата со сите нејзини механизми
Извршниот одбор (ИО) на владејачкиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на седницата одржана синоќа, меѓу другото, отворил дискусија за, како соопштија од партијата, аспектите отворени во јавноста за законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција. Двата предлог-закони, инаку, се непосреден повод за протестот што за в четврток го организира Македонската православна црква-Охридска зрхиепископија (МПЦ-ОА), која во нив гледа загрозување на правото на вероисповед, редефинирање на целото општество и ограничување на слободата на говор.
На вчерашната седница ИО на СДСМ донел два заклучоци во однос на законите, кои, како што се наведува во партиското соопштение, се сосема различни и засебни предлог-законски решенија.
Во врска со предлог-законот за матична евиденција од СДСМ посочуваат дека Владата го повлекла од собраниска процедура во март 2022 година за да се направи дополнителна консултација заради исполнување на очекувањата на целото општество.
„Врз основа на ова, Извршниот одбор одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение. СДСМ е партија која гради демократско општество, која силно е посветена на еднаквоста меѓу мажите и жените, која инвестира во меѓусебна толеранција, почитување на човековите права и слободи“,
се наведува во соопштението на СДСМ од седницата на ИО.
Вториот заклучок се однесува на законот за родова еднаквост, за кој од владејачката партија сметаат дека консултативниот процес треба да продолжи, со проширување на јавната дебата со сите засегнати страни.
„Извршниот одбор истакнува дека вредностите на СДСМ како социјалдемократска и граѓански ориентирана партија, почиваат на темелите на еднаквоста, солидарноста и социјалната правда. Извршниот одбор на СДСМ заклучи дека консултативниот процес за Законот за родова еднаквост треба да продолжи, да се прошири јавната дебата со сите засегнати страни и чинители, со цел доаѓање до решение во интерес на целото општество, пред законот да влезе во владина и собраниска процедура“, информираа од СДСМ по седницата.
За заклучоците на ИО на СДСМ прашање од новинарите доби епископот Јаков Стобиски, кој говореше на денешната прес-конференцијата на МПЦ-ОА, организирана во пресрет на најавениот протест. Прашан за коментар на одлуките на партијата и дали како црква МПЦ-ОА ќе учествува во јавната дебата, тој рече дека одлуката на ИО на СДСМ е за поздравување, иако станува збор за партиска одлука и дека сега на потег е Владата со сите нејзини механизми.
„Ние сакале или не сакале веќе учествуваме во таа јавна дебата и ќе учествуваме. Црквата е, и мора да остане своевиден коректив на совеста на општеството. И токму заради тоа се бориме, никој нема право да ни го збрани тоа. Што се однесува до одлуката на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е за поздравување, иако тоа е партиска одлука. Сега се на потег сите механизми на Владата и да видиме како Владата ќе се произнесе“,
изјави епископот.
Инаку, епископот во изјавата најмногу се задржа на формулацијата на значењето на најавениот протест, односно дека овој собир не е насочен против никого, а најмалку против ЛГБТИ+ лицата, туку против содржината на предлог-законските измени за родова еднаквост и за матична евиденција.
„Ние не сме против никого, особено не против остварувањето нечии права. Протестираме за тоа што е спорно во законите, сметаме дека сериозна реализација можеби ќе придонесе за поголемо остварување на нечии права, поединци, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или 99 проценти од населението во Македонија“,
изјави епископот Стобиски.
Од Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ ОА) вчера објавија видеопорака од г. г. Стефан, кој ги повика православните верници, но и сите други граѓани на сенароден собир на 29 јуни пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје против законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција.
Сенародниот собир е наречен „Имаме должност“, а соопштението на МПЦ ОА дојде во пресрет на Парадата на гордоста која викендов се одржа во Скопје.
Видувања и коментари за најавениот протест на МПЦ ОА искажаа активистката и членка на организацискиот одбор на „Скопје прајд“, Ирена Цветковиќ, и пратеничката во Собранието од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето, Санела Шкријељ, во гостувањето во петочното издание на емисијата „360 степени“.
Двете се со став дека станува збор за демократско право, но потсетуваат и реагираат на тоа што МПЦ ОА останала глува и не дала поддршка на барањата на други загрозени групи во општеството. Како пример, Цветковиќ го посочи протестот на лицата со попреченост кои кампуваа пред Владата, на кој, како што вели, не видела ниту еден од верските лидери да излезе со поддршка.