Радев во писмото ја издвоил неодамнешната резолуција на германскиот Бундестаг со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура како пример за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во С Македонија за односите со Бугарија, во кој, како што посочил бугарскиот претседател, доминира тезата дека Софија не го прифаќа современиот идентитет на Северна Македонија.
Претседателот на Бугарија Румен Радев продолжува со својата реторика дека Северна Македонија се обидува преку политика на лобирање, а не со исполнување на критериумите за членство засновани на општествено-политички реформи и почитување на принципите на добрoсоседство и на човековите права да го отвори својот пат за членство во Европската Унија.

Овој пат, ваквите ставови Радев им ги пренел на европските лидери и институции преку писмо во кое апелира пристапот на „Република Северна Македонија во Европската Унија да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика“.
Информацијата за писмото на Радев до европските лидери е објавена на неговата официјална веб-страница, во кое нагласува дека тој отсекогаш ја изразувал и ја бранел принципиелната позиција на Бугарија за поддршка на европската интеграција на Северна Македонија – земја „блиска до нас (Бугарија), со која споделуваме заедничка историја, традиции и културното наследство“.
„Истовремено, бугарската држава отсекогаш ги истакнувала главните принципи на кои се заснова процесот на проширување на ЕУ – оние на сопствените заслуги и исполнувањето на критериумите за членство преку сеопфатни општествено-политички реформи. Затоа, со оглед на сложеното историско оптоварување на нашиот регион, според претседателот, во овој процес посебен фокус има прашањето за почитување на принципите на добрососедство и човекови права“,
се наведува во информацијата за писмото на Радев.
Според бугарскиот претседател, настаните кои денес ги набљудуваат покажуваат опипливо повлекување од воспоставениот пат, а наоѓањето компромис прифатлив за двете земји, постигнат од Европскиот совет во јули минатата година, сè уште не довел до решение на проблемите.
„Скопје наместо да работи на исполнување на условите, повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат „црни списоци“ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница – случаи на физичко насилство, административно и судско малтретирање на луѓе со бугарска самосвест зачестуваат, палење и пукање врз нивните културни клубови, постојани закани за нивните работни места само затоа што се Бугари. Оваа атмосфера во голема мера го попречува развојот на трговските, економските и културните врски меѓу двете земји“,
се цитира дел од писмото на Радев во соопштението објавено на веб-страницата „president.bg“.
Радев во писмото ја издвоил неодамнешната резолуција на германскиот Бундестаг со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура како пример за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во Северна Македонија за односите со Бугарија, во кој, како што посочил бугарскиот претседател, доминира тезата дека Софија не го прифаќа современиот идентитет на Северна Македонија.
„Сепак, факт е дека Бугарија никогаш не го оспори правото на граѓаните на Северна Македонија да го дефинираат својот модерен идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на државата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година“, посочил Радев во писмото.
Во соопштението за писмото се потсетува и дека со резолуцијата Бундестагот ја повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на земјава во Европската Унија.
Во таа насока, шефот на бугарската држава до европските лидери нагласил дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Сепак, тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија, а кои се наведени во заклучоците на Европскиот совет и двата протоколи меѓу Бугарија и С Македонија.
„Во двата досега потпишани протоколи се поставени важни конкретни заложби, како што се одбивањето на РСМ да употреби јазик на омраза кон Бугарија, промена на содржината на учебниците во општиот образовен систем, ставање крај на дискриминацијата на граѓаните кои се идентификуваат како Бугари, декласифицирање на архивите на југословенските тајни служби поврзани со погромите врз бугарското население во Северна Македонија. За жал, за овие прашања досега ништо не е направено од Скопје“,
навел Радев во писмото.
Дополнително, како индикативен го наведува случајот со извештајот на Европскиот парламент за земјава за 2022 година, посочувајќи на интервју на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во кое тој јавно изјавил дека имал контакти со европратеници од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, директно учествувајќи во процесот на изработка на нацртот со писмени предлози.
„Никогаш досега не ѝ било дозволено на земја кандидат за членство да има вакво влијание врз работата на европските институции. Друг пример за лобирачката политика на Скопје е најавата на шефот на дипломатијата дека другите земји членки имаат намера да излезат со декларации слични на резолуцијата на германскиот Бундестаг“,
нагласува шефот на државата, Румен Радев, и заклучува дека следењето на таков пристап не е корисно.