Во една од работните простории на персоналот во Психијатриската болница „Демир Хисар“ биле пронајдени кожени ремени за фиксација, за кои било истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија, пак, беше забележан и цврст, дебел кабел со должина од еден метар, за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената, вели народниот правобранител

Во Психијатриската болница „Демир Хисар“ тимот на Народниот правобранител, минатата година, при ненајавена посета утврдил дека целиот објект не е редовно и доволно одржуван, поради што и се наоѓа во лоша состојба, а хигиената не се одржувала на соодветно ниво и не ги исполнувала болничките хигиенски барања.
Народниот правобранител Насер Зибери денеска рече дека при посетата во Психијатриската болница „Демир Хисар“, во една од работните простории на персоналот биле пронајдени кожени ремени за фиксација, за кои било истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти.
„Во друга просторија, пак, беше забележан и цврст, дебел кабел со должина од еден метар, за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на Народниот правобранител истакна дека е потребно истите веднаш да се отстранат, а заклучувањето на собите, доколку е потребно, да се врши на соодветен начин, со поправка на бравите од вратите“,
рече Зибери на денешната презентација на Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ), во рамките на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура – 26 јуни.
И при посетата на Психијатриската болница „Скопје“, тимот на Народниот правобранител затекнал сериозни проблеми, како нередовност во примањето на терапијата.
„Како сериозен проблем што беше истакнат во Психијатриската болница ‘Скопје’ е нередовноста во примањето на терапијата. Имено, за време на посетата беше констатирано дека персоналот не може да воспостави ред во примањето на терапијата од страна на пациентите. Беа добиени наводи и дека персоналот се соочува со закани и напади, коишто во минатото резултирале и со нанесување на телесни повреди на болничкиот персонал“,
рече Зибери.

Конфликтите меѓу пациентите на одделението ги издвои како чести, а во одредени случаи, како што посочи, вербалните караници резултирале и со меѓусебни физички напади.
„Од судското одделение на Психијатриската болница ‘Скопје’ нотирани се и чести бегства во времетраење од неколку часа до неколку месеци, а како главна причина за бегствата, пациентите ги посочуваат лошите услови за престој, недостатокот на организирани активности, но и неодобрувањето на терапевтски викенди. Во прилог на ова е недоволниот број медицински и друг персонал, непостоење на системски организирана заштита на обезбедувањето, како и генерално слаб менаџмент“,
додаде Зибери.
Материјалните услови во судското одделение во Психијатриската болница „Скопје“, според правобранителот, не ги задоволуваат стандардите што упатуваат на потребата од создавање позитивна терапевтска средина и е потребно итно преземање мерки за целосно реновирање на објектот, со цел подобрување на материјалните услови како за пациентите, така и за вработените, во смисла на создавање соодветни работни услови.
„Сето погоре наведено упатува на целосно нефункционален систем на извршување на мерката безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа што се извршува во судското одделение на Психијатриската болница ‘Скопје’. Ваквата состојба непосредно влијае и го зголемува ризикот од злоупотреби што би можеле да значат тортура или друг вид сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување“,
рече Зибери.
Од добиените информации за време на посетите на болниците било констатирано дека и двете болници се соочуваат со сериозен недостиг од персонал. Па така, во Психијатриска болница „Скопје“ од вкупно систематизирани 397 работни места, пополнети се 318, додека, пак, во Психијатриската болница „Демир Хисар“ недостатокот од кадар се пополнува со времено ангажирање на лица и тоа 37 од вкупно 258 вработени лица.
„Препорачуваме зголемување на ангажираниот персонал во судското одделение така што ќе се обезбеди соодветно присуство во секое време, вклучително ноќе и за викенди. Во оваа смисла, мора да се зголеми бројот на медицински сестри, техничари и болничари, а исто така мора да се обезбеди и соодветно стручен и на редовна основа достапен персонал што ќе обезбеди активности за психо-социјална рехабилитација, како психолози, професионални терапевти и едукатори“,
рече правобранителот.
Зибери денеска ги истакна и условите во казнено-поправните домови кои биле затекнати при посетата на тимот на Народниот правобранител, за кои рече дека се нечовечки и понижувачки за осудените лица.