Доколку не се изнајде решение за неколку денови, ќе се активира одлуката за генерален штрајк, при што ќе ги искористиме сите можности што ни се на располагање. Ние не сме дел од одбраната или внатрешните работи, па да имаме некакво ограничување што смееме, а што не смееме да правиме за време на генерален штрајк, велат од Синдикатот на УЈП
За најавите на Синдикатот на УЈП за активирање на генерален штрајк, денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека е оптимист оти со помирувачот ќе се најде решение за вработените во Управата за јавни приходи и се надева оти нема да дојде до реализирање на најавата

Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) најавува активирање на одлуката за генерален штрајк доколку со помирувачот, којшто е прифатен од Министерството за финансии, не се изнајде решение за нивното барање за зголемување на платата за 30 отсто.
„Помирувачот што ние го предложивме веднаш беше прифатен од Министерството и чекаме да нѐ повика на разговор. Тој е должен во рок од три дена да го врати мандатот доколку не може да најде решение“,
велат од Синдикатот на УЈП.
Доколку, според нив, сегашниот помирувач не е во земјава и не може да го спроведе помирувањето, како што велат, на негово место може да се назначи друг. Сепак, од Синдикатот на УЈП очекуваат за пет до шест дена да заврши процедурата за помирување.
„Доколку не се изнајде решение за неколку денови, ќе се активира одлуката за генерален штрајк, при што ќе ги искористиме сите можности што ни се на располагање. Ние не сме дел од одбраната или внатрешните работи, па да имаме некакво ограничување што смееме, а што не смееме да правиме за време на генерален штрајк“,
додаваат оттаму.
За најавите на Синдикатот на УЈП за активирање на генерален штрајк, денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека е оптимист оти со помирувачот ќе се најде решение за вработените во Управата за јавни приходи и се надева оти нема да се реализира најавата за генерален штрајк.
„Вработените во УЈП заедно со Синдикатот минатата недела побараа помирувач. Тој е назначен и имаат период од 10 дена да најдат решение. Јас сум оптимист дека решение ќе се најде и дека мерката на генерален штрајк не би требало да се случи затоа што сметам дека тоа што вработените во Управата за јавни приходи, како и сите други вработени во јавниот сектор го заслужуваат, е достоинственост на работните места каде работат и платите кои ги добиваат. Ние сме подготвени да разговараме“,
изјави Битиќи.

Според Битиќи, дел од решението за вработените во УЈП ќе се разгледува во четврток кога ќе заседава Економско-социјалниот совет на кој ќе биде разгледан Општиот колективен договор со новата методологија.
„Дел од решението за вработените во Управата за јавни приходи мислам дека е токму во тоа решение, но отворени сме и мислам дека помирувачот ќе си ја направи својата работа онака како што треба“,
рече Битиќи додавајќи дека според неговото мислење, нема да дојде до ситуација на генерален штрајк во УЈП.
Посочи дека се работи на новата методологија за плати во јавниот сектор и кога таа ќе се вгради во Општиот колективен договор ќе важи за сите структури во јавниот сектор.
„Системското решение ќе биде едно за сите. Синдикатите дојдоа до решение дека новата методологија за сите вработени во јавниот сектор треба да биде просечна плата помножена со коефициент, истата методологија која се аплицира кај избраните и именуваните лица. Ние рековме дека таа методологија ја прифаќаме и работиме на тоа системско решение. Кога тоа ќе го направиме во Општиот колективен договор, соодветно ќе се аплицира во сите структури во јавниот сектор“,
рече Битиќи.
Прашан за тоа од каде се најдени средства за зголемувањето на платите на министрите согласно одлуката на Уставниот суд, Битиќи рече дека парите се обезбедени со пренамена на средства.
„Бројот на тие што се опфатени со таа измена не е толкав за да направи целосна дисторзија на функционирањето на државата и на Буџетот. Има една алатка – пренамена на средства, која се користела и досега и соодветно се постапува кога се потребни средства во други буџетски сметки. Тоа е направено“,
рече Битиќи.
И министерот за финансии Фатмир Бесими, во четвртокот, изрази уверување дека ситуацијата ќе се надмине. Тој рече дека нема официјална најава за генерален штрајк на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) и оти ниту УЈП ниту царинските службеници немаат намера да затворат гранични премини или да не исплатат плати. Според Бесими, има закон за регулирање на правата и за тоа како се дефинира процедурата за штрајк.
Тој информира дека за платите интензивно се разговара со синдикатите преку економско-социјалниот дијалог, а комуникација има и со УЈП и со Царинската управа.
Доколку до 27 јуни вработените во Управата за јавни приходи не го добијат бараното покачување на платите за 30 отсто, оттаму најавија дека ќе следува генерален штрајк, што ќе значи дека сите исплати во државата ќе бидат блокирани.
Од синдикатот на УЈП кажаа дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк, тоа нема да биде по нивна вина.
Вработените во Царинската управа, пак, најавија можно затворање на границите доколку не го добијат она што им следува согласно законот и Колективниот договор, а тоа е исплата на додаток од 30 отсто од платата.