Според пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има основа и за проверка на незаконско постапување од министерот за надворешни работи Бујар Османи во именувањето на Бесиан Ахмети за прв секретар во амбасадата во Брисел по само 10 месеци поминат стаж во Министерството за економија

Бесиан Ахмети, другиот внук на Али Ахмети и брат на Дрин Ахмети, пред три месеци е именуван за прв секретар во македонската амбасада во Брисел. Кланот Ахмети, покрај во бизнисот се шири и во дипломатијата, рече на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Младиот Ахмети, покрај тоа што станува прв секретар во амбасадата во Брисел, додека Али Ахмети е пратеник и лидер на ДУИ, тоа го прави со само 10 месеци стаж“,
рече Ковачки.
Според Ковачки, Бесиан Ахмети на 16 мај 2022 година е вработен во Министерството за економија, на работна позиција помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, за 10 месеци подоцна, на 16.03.2023 година да биде именуван за прв секретар во амбасадата во Брисел. Бесиан Ахмети, како што рече Ковачки, е преземен по пат на интерен оглас, на кој се пријавил, и работното место од Економија го заменил со тоа во Министерството за надворешни работи (МНР).
„Иако упатувањето во дипломатско-конзуларното претставништво на Македонија во странство се врши врз основа на спогодба меѓу МНР и соодветната институција, сепак дипломатското звање го дава МНР, согласно член 78 во врска со член 95 од Законот за надворешни работи, во случајов на помлад соработник одговара дипломатското звање ‘аташе’, додека дипломатското звање ‘прв секретар’ одговара на советник и раководител на одделение“,
рече Ковачки.
Според него, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), има основа за постапување за утврдување на партиско влијание и непотизам.
„ДКСК има основа и за проверка на незаконско постапување од министерот за надворешни работи Бујар Османи во именувањето на Бесиан Ахмети за прв секретар во амбасадата во Брисел по само 10 месеци поминат стаж во Економија како помлад соработник, на што одговара дипломатското звање ‘аташе’, односно за унапредување три скалила одеднаш“,
рече Ковачки.
На прес-конференцијата Ковачки побара одговор од шефот на дипломатијата Османи за тоа како го назначил младиот Ахмети за прв секретар на амбасадата во Брисел без да ги исполнува потребните услови.
„Покрај ДКСК, очекуваме одговори од Османи, но и од Ковачевски, за кого се надеваме нема да молчи како за Мерко и за првиот внук на Ахмети“,
додаде Ковачки.