Основното јавно обвинителство Струмица побара парични казни за 69 лица, од кои за седум лица по 3 000 евра, бидејќи не ги почитувале мерките за самоизолација и по 2 000 евра за 62 лица кои не го почитувале полицискиот час.
Едно лице од седумтемина кои не ги почитувале мерките за самоизолација пристигнало во земјава од Германија на 11 март на Меѓународниот аеродром во Скопје каде што потпишало и изјава, но на 20 март излегло од семејниот дом и со возило се движело низ Струмица.
Друго лице кое на 12 март преку Табановце се вратило во земјава од Германија и потпишало изјава за самоизолација од 14 дена, на 20 март излегло од домот и отишло во фризерски салон во Струмица.
Двајца од оние што не ја почитувале самоизолацијата на 13 март се вратиле од Швајцарија и наместо да ја почитуваат изјавата за самоизолација на 20 март со возило, двајцата сопружници отишле на гости кај роднини во Струмица, а едниот од нив на 23 март со возило преку граничниот премин „Деве Баир“ ја напуштил државата и заминал за Швајцарија.
Петтиот обвинет за непочитување на самоизолацијата во државава на 13 март дошол од Германија, но на 18 март со возило заминал за Радовиш каде престојувал во стан со неговата партнерка до 20 март, кога полициските службеници констатирале дека лицето не ја почитува изречената мерка.
Уште едно лице на 14 март се вратило од Германија и наместо да остане во самоизолација во неговиот дом во с. Василево, тој на 20 март со велосипед се движел низ селото при што бил затекнат од полициски службеници.
Седмото обвинето лице се вратило на 14 март од Велика Британија, но не се придржувало на самоизолацијата и на 21 март излегло од својот дом и отишло да пазари.
За 62 лица кои не го почитувале полицискиот час во Струмица обвинителството бара казни од по 2 000 евра бидејќи за време на полицискиот час биле затекнати како се движат на различни локации во градот.